Крсте Мисирков >> За Македонските Работи >>Националниот Сепаратизам

 

Националниот сепаратизам: земјиштето на кое се има развиено и ќе се развива за напред*

На првото заседание на Бугарското студентско друштво во Петроград од оваа година јас реков неколку збора за резултатите од сегашното востание во Македонија. Тие резултати јас ги резимирав во два пункта: 1/ Македонија по Востанието е загубена за бугарската народност и 2/ Македонците ќе си ги сознаат грешките што беа причина за несреќите од воставањето, ќе се откажат од досегашната насоченост на нивното национално самосознание и ќе им отворат систематска борба на сите национални и верски пропаганди во Македонија, вклучително и на бугарската, за да можат со одделувањето на своите интереси од интересите на пропагандиге да го постигнат националното обединување помеѓу себе.

Јас реков тогаш дека таква е вистината, којашто не ќе им се бендиса на мнозина, но јас не можам да го зборувам она што ќе му се бендиса на некого, туку она што е свршена работа, со која порано или подоцна ќе треба да сметаат јужните Словени, па затоа е нужно да се знае новото течење сред Македонците за да се определат јасно односите на јужните Словени кон него и да се избегне бесполезната и штетна борба помеѓу нив.

Мнозина ќе речат оти моите утврдувања за некакво ново течење во развивањето на националното самосознание сред Македонците е само мистификација на неколцина Македонци, но дека таа мистификација нема под себе земјиште и затоа како што се имаат скоро појавено на белиот свет, исто така скоро ќе исчезнат од него.

За да се увериме во тоа дали моиве заклучоци за резултатите од востанието се правилни или пак приговорите на моите противници се правилни, ќе треба да се разгледаат тие настани од најновата историја на Македонија во кои најсилно се пројави националното самосознание, а имено, ќе треба да се разгледа: преродбата на Македонците90, настаните што послужија како причина да се разбуди народниот дух на Македонците, какви размери и каков правец зеде тоа разбудување? Во какви односи станаа Македонците со нивното национално разбудување кон балканските народности и дали позицијата што ја зазема сега Внатрешната револуционерна организација по прашањето за народноста на Македонците Словени е таква од која не може да се оди понатаму, или пак треба од неа да се направи уште еден чекор и Македонците да се јават приврзаници на националниот сепаратизам со примањето на централното македонско наречје за општ македонски литературен јазик? И најпосле, ако Организацијата и македонската емиграција во Бугарија, особено оној дел од неа што има или државна служба со убави плати или се занимава со журналистика и со тоа има убави доходи и големо влијание на бугарските работи, така што се јавува со кандидатура за министерски места во Бугарија или си има други згодни потфати, -дали, велам, и без помошта на таа наша колонија е возможно некакво особено пројавување на нашата преродба, а имено во таква смисла како што ја спомнав, т.е. во полно одделување на нашите интереси од оние на балканските народи и во развивање меѓу македонската интелигенција и народот македонско народно самосознание?

Површен поглед на настаните што изврвеа пред Востанието ни докажува оти најсилниот поттик за националното разбудување на Македонците ни послужи зафатокот на српската пропаганда во Македонија. До тоа време нашето национално самосознание беше разбудено само на половина. Специјално со прашањето за нашата народност никој не се занимаваше. Се викавме вистина „Бугари” и „христијани” во национална смисла, но зошто тоа е и дали е навистина така - ние не се запрашувавме многу— многу.

Врските наши со Бугарите станаа многу тесни со општа положба во Турција: ние бевме браќа по својата судбина и бевме во еднакви односи кон владата и фанариотското духовенство. Опшноста во судбините наши ни го закрепи општото име Бугари уште до ослободувањето на Бугарија, коешто си остана по традиција во Македонија и по ослободувањето на првата. Врз таа основа Бугарите ги поставија своите претензии на Македонија и Македонците очекуваа ослободување од Бугарија.

Но конкуренцијата со Бугарија од страна на Србија по македонското прашање од политичка и национална страна ги извика на политичката сцена и самите Македонци. Македонците фатија усилено да се интересираат за прашањето на нивната народност и нивната судбина.

Одот на тоа национално разбудување, како и резултатите до кои доведе тоа, се претставуваат приближно во овој вид:

Србите и Бугарите фатија да си ги оспоруваат еден на друг правата врз Македонија: и едните и другите велат оти цела Македонија била нивна. Едните си викаат како сведоци за справедливоста на нивните претензии едни, другите други авторитети.

Среде тој бескраен спор помеѓу двата братски соседни народа македонското словенско население, заради кое тие се караат, малце по малце зрее во националното самосознание и сака да се ослободи од покровителството на соседните народи за да може само да си биде вршител на своите судбини.

Македонците бараат национално обединување помеѓу нив, но притоа сакаат тоа обединување да стане не врз нова почва, не да се зафати одново, зашто таквото обединување ќе бара многу време, а обединувањето беше важно како средство за постигнување политичка слобода. Затоа обединувањето беше зафатено врз почвата на тоа што Македонците се викаа Бугари.

Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г91. Во крајот на 1889 год. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега. Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави - ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со сви сопствени сили и средства слобода и со тоа да го предупредат дележот на Македонија.

По нивна иницијатива во почетокот на деведесетите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”. 92 Но тоа духовно движење на Македонците не и’ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што паминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите. 93

Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија. 94 Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, 95 беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафов96 и другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација.

Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија.

Играта одиграна од нив имаше позитивни и негативни резултати. Меѓу првите треба да се однесат: 1/ Македонците со своето обединување за преследување на интересите на својата татковина станаа важен фактор што навидум влезе во сојуз со бугарскиот народ и со сите негови официјални претставници за достигнување навидумни општобугарски интереси во Македонија, а всушност со тоа го направи бугарскиот народ и неговите официјални претставници и установи орудија за свои сопствени чисто македонски цели и интереси; 2/ Македонците од сојузници со Бугарите во решавањето на македонското прашање станаа господари на тој сојуз, во кој Бугарите фатија услужливо, а понекогаш и со горчина во душата да ги исполнуваат барањата на Македонците.

Потоа и Македонците фатија да изјавуваат оти тие сакаат „Македонија за Македонците”, оти тие сакаат автономија на Македонија, а не соединување со Бугарија. Бугарите „скрепја серце” 97 можеа да чујат таква новост што не можеше да им биде пријатна. Но Македонците ги успокојуваа Бугарите: Чекајте вие, нека ни дадат нам автономија, па ќе видите оти по неколку години таа Македонија ќе биде бугарска, зашто повеќето од македонската интелигенција го доби своето образование во Бугарија. 98 Надворешниот свет пак го уверуваа оти историјата со Источна Румелија не може да се повтори и со Македонија, зашто во Македонија има многу народности, а не две-три, оти сите тие народности, како и сите соседни балкански државички и големите држави, ќе можат да го спречат соединувањето на Македонија со Бугарија. Најпосле изјавуваа: Каков интерес имаат Македонците да се соединуваат со Бугарија, кога од тоа соединување ќе има полза повеќе Бугарија отколку Македонија?

Македонците не се запреа на таа двојна игра со различните изјави пред Бугарите и пред Европа. Тие го пренесоа центарот на Револуционерната организација заедно со сите национално-политички прашања во Македонија за да бидат слободни во своите постапки од бугарската влада.

Во комитетите во Бугарија фатија да пропагираат полно одделување на интересите на Македонија од интересите на Бугарија.

Се зафати енергична работа на Сарафов99, заедно со комитетите претседателствувани од него.” Сарафов, како претседател на Врховниот комитет во Софија работеше сосем не сообразувајќи се со бугарската влада. На Сарафов не му сочувствуваа бугарската влада и кнезот, со други зборови: Комитетот, на којшто му претседателствуваше Сарафов, по македонското прашање се придржуваше според едка таква програма, тогаш за тогаш само политичка, изработена уште од понапред, на која не и’ сочувствуваа оние што се повикани да ги бранат бугарските интереси, ами сочувстуваа оние што ја составуваа толпата, со други зборови, бугарскиот народ. Оттука е јасно оти Бугарите ја голтнаа пилулата и доцна е да си ја исправат грешката.

Владата направи услиби да го поврати изгубеното, но уви! 100 - било доцна. Врховниот комитет во Софија се стави под претседателството на ген. Цончев, 101 Бугарин, љубимец на кнезот. Но Македонците во Бугарија го убедија бугарското население во правината на нивната програма за полно одделување на интересите на Македонија од интересите на Бугарија, ја покажаа политиката на владата, на кнезот и на „генералскиот комитет” или Комитетот на Цончев-Михајловски102 како егоистичка и добија во Бугарија поголема власт над „генералскиот комитет” и над владината политика по македонското прашање. Таа сила се поддржуваше главно со полната солидарност на „Станишевскиот врховен комитет” 103 со „Внатрешната организација”. 104

И така комитетите, а заедно со нив и воопшто Македонците, се ослободуваат од влијанието на бугарската влада, создаваат своја независна програма за работа, таа програма ја пропагираат во Бугарија и со неа добиват влијание врз бугарскиот народ, а преку него и врз владата. Откако се вкорени така македонското „дело” во Бугарија, Македонците фатија да одат и во Србија и таму да им ја излагаат својата програма на владата и на српскиот народ. Сарафов, Радев, Јанков105 уверуваа оти тие се борат со девизата „Македонија за Македонците”, за сите Македонци без разлика, и оти никогаш Македонија нема да се соедини со Бугарија. Не е ли јасно и од тие постапки на македонските водачи оти Македонците зедоа самите да ги решаваат судбините на Македонија и оти тие во својата дејност се готови да се судираат и да ги усогласуваат интересите на својата татковина не само со Бугарија, но и со другите балкански државички, откако ќе им се дадат на тие државички некои обврски од страна на Македонија за укажаната помош?

Од дотука реченото е јасно оти борбата помеѓу Бугарија и Србија за влијание во Македонија како резултат го даде развивањето на свеста дека судбините на Македонија треба да се во рацете на Македонците. Македонците се организираат со сознавање на своите права на својата татковина и својот долг пред неа. Со своето организирање Македонците станаа главниот фактор во решавањето на македонското прашање како во своите очи, така и во очите на Европа. Од Востанието со нас се церемонат; до него на нас гледаа како на една неопределена маса.

Тие се сите резултати од досегашното наше самосознавање. Со постепеното одделување на македонските интереси од бугарските, со земањето на македонското прашање во свои раце и најпосле, и најмногу со сегашново востание Организацијата како резултат го постигна тоа што не го претпоставуваше: наместо слобода да бараат, сега во Македонија мнозина се убедени дека ни треба полно пресечување на врските со сите балкански народности и култивирање на сe што е во Македонија оригинално и свое: јазикот, обичаите, историјата, писменоста, народната литература итн. 106

Тоа нешто не се предвидуваше, зашто се мисле оти името „Бугарин” ќе ни донесе сe што очекувавме народнато движење. Но во пресметките се излагавме. Заедно со добрините за интересите на Македоннја, изброени погоре, името Бугарин донесе и негативни резултати за револуционерното „дело”: Името Бугарин и нееднаквите уверувања пред Бугарија и пред Европа за судбината на Македонија по нејзиното ослободување создадоа полна недоверба кон нашето „дело” од страна на европејците, мислејќи го за итрина - не македонска, ами бугарска - за маневар на бугарската влада да се реши македонското прашање поскоро. Сиромашката бугарска влада се најде во небрано лозје во македонското прашање: Македонците ја изиграа и ја употребуваа како средство за своите цели, а европејците ја обвинуваа за итрини од коишто таа сиромашката беше далеку. И така Бугарин присвоено од комитетите и Организацијата за Македонските Словени, и соединувањето на нашите интереси со интересите на Бугарија во агитацијата на комитетите кај Бугарите, беа причина сета македонска работа да и’ се припише од Европа на Бугарија и на Бугарите како бугарска надворешна појава да не се поддржува.

Малку тоа: името Бугарин што ги тераше европејците да се однесуваат со недоверба кон работата на Организацијата, гледајќи во неа желба на Бугарија со револуција да ја наруши рамнотежата да Балканскиот Полуостров, и непостојаноста на бугарската надворешна политика, насочена сега против Русија сега со неа, послужи како причина за да се согласат Русија и Австро-Унгарија заедно, со заемна согласност, да ги решаваат балканските прашања. Тоа согласување од 1897 год. беше насочено против Бугарија како божемна поттикнувачка на Македонците, но неговите резултати беа штетни не за самата Бугарија, зашто во бугарските внатрешни работи никој нема право да се меша, а за нас Македонците. Тоа е негативната страна на првиот период од нашето национално самосознавање; тоа е причина за неуспехот на нашето востание. Неуспехот значи се должи гдавно на името Бугарин, усвоено и пропагирано од револуционерите.

Востанието направи епоха во животот и националното самосознавање на Македонците Словени. Тоа ќе го натера нашиот народ и неговата интелигенција да погледнат назад на своите слабости од коишто произлезе нсуспехот на Востанието. Тоа ќе ја натера македонската интелигенција со различно образование да се сплоти во едно за да го обедини нашиот народ, но веќе не врз таа основа што си ја покажа сета своја неодржливост, а врз друга, врз чисто македонска. Востанието ни покажа оти ние Македонците не можеме да очекуваме помош од никоја од балканските државички, оти решението на нашето прашање е сето во рацете на големите сили и затоа нам и не ни треба да ги соединуваме и да ги замешуваме нашите интереси со чии и да се словенски интереси на Балканскиот Полуостров. Нам ни треба внатрешно обединување меѓу себе: не ни требаат во Македонија ни Срби, ни Бугари ни Грци, зашто не сме ни едното, ни другото ни третото; не ни требаат патријаршисти, егзархисти, зашто ние сме само православни христијани. Делењето е вештачки создадено од балканските државички со намера да ја делат Македонија со стекот на околностите. Но Македонците на сегашниот степен од нивниот национален развиток не се материјал во рацете на малечките балкански државички, ами се силен етнографско-политички фактор од којшто повеќе зависат судбините на Македонија отколку од малечките балкански државички. Тие Македонци што покажаа таква способност во своето национално-политичко организирање, што покажаа такво примерно жртвување на своите интереси во полза на интересите на својата татковина, не со помалечок успех ќе можат да им организираат секакви пречки на националните и религиозните пропаганди што го цепат денеска нашиот народ на делови непријателски еден кон друг.

Организацијата и Македонците досега на далеко растојание ги оддалечија интересите на Македонија од бугарските. Од таа положба до полното отцепување од Бугарија и до објавувањето на Македонија за одделна од Бугарија и од Србија етнографска област има еден чекор. Тој чекор е неопходна последица од неуспехот на сегашното востание. Тој е наполу направен. Полното отцепување на Македонија од балканските државички во етнографски однос ќе исплива најаве со успокојувањето на Македонија. 107

Замешувањето на Бугарите и Србите во Македонија беше предизвикано од некои околности: Македонците одеа рака за рака со Бугарите во црковното прашање: оттаму проширувањето на власта на Егзархијата во Македонија. Србија се замеша во Македонија откако изгуби надеж да си ја присоедини Босна и Херцеговина.

Но сега и за нас Македонците настапија нови околности што ќе нe потресат и ќе ни кажат нови патишта по коишто ќе треба да одиме во иднина. Претензиите на Србија и Бугарија, од една страна, ни покажаа оти само конкуренцијата на тие две држави нe остава да робуваме уште на неопределен рок; од друга - тие претензни ни ја потврдија и без тоа познатата вистина оти во цела Македонија има само една, а не неколку словенски народности. Значи делењето е вештачко и од борбата со него најнапред ќе треба да се зафати нашата нова работа во понатамошниот развиток на нашето национално самосознавање.

И така имињата: Србин, Бугарин и Грк си ја ислужија својата служба во Македонија и за низ таму нема веќе место. Време е да ги замени едно општо за сите Македонски Словени име - името „Македонец”. Таа смена е само логична последица и се бара од околностите. Таа смена делумно веќе е настапена и не е далеку тоа време кога таа ќе триумфира.

При сe што беше речено погоре за новото течење во развивањето на националното самосознавање кај нас, ми се чини оти мнозина од вас во моите мислења и зборови ќе видат само една мистификација. Можеби мнозина ќе се запрашаат: 1) ако досега комитетите имаа играно двојна улога: на Бугарите им имаат велено оти Македонците се Бугари и еден ден Македонија како и да биде ќе се соедини со Бугарија, а на европејците им велат оти тие бараат автономна Македонија само за Македонците, оти немаат никаква мисла за соединување со Бугарија, тогаш од каде јас знам оти комитетите ја лажат Бугарија, а не Европа? Може да биде сосем спротивното на тоа што го реков јас погоре за комитетите, т. е. тие се готови да и’ дадат на Европа секакви гаранции Македонија да не се соедини со Бугрија, но тие никојпат не ќе се согласат да се упразни во Македонија бугарскиот јазик и бугарското име во полза на централното македонско наречје и името „Македонец”, со други зборови, тоа што го реков јас дека имало само еден чекор од таа положба што Македонците и македонските комитети по македонското прашање се држат кон Бугарија, па до полното отцепување на Македонија и Македонците од бугарските национални интереси, не е право, зашто не еден чекор, ами цела пропаст го одделува едното од другото, и комитетите ќе покажат најсилно спротиставување на новото течење; 2) ако се допушти оти комитетите никојпат нема да се согласат со упразнувањето на бугарското име и јазик од Македонија, а заедно со нив против новото течење ќе биде и целата македонска интелигенција со бугарско образование, тогаш од каде ќе црпи сила за себе новото течење? Кои ќе бидат теоретиците на новото течење, каде тие теоретици ќе ја развиваат својата дејност, каде и каква ќе биде нивната аудиторија, од каде ќе се земаат средствата за пропагирањето на идејата, како ќе проникне таа во народот и како ќе се поддржува во него? Од каде ќе се најдат средства за нови учебници, кој ќе ги подготвува, од чии средства ќе се издржуваат училиштата со македонски јазик? - Очигледно, штом комитетите и македонската интелигенција во Бугарија ќе почнат да му се противат на новото течење, или, ако не му се противат, просто не го поддржуваат, јасно е оти од него нема да остане ништо: фантазиите на неколцина Македонци ќе бидат исмеани и повеќе ништо.

Така ли е всушност? Да разгледаме колку можат да бидат основани таквите претпоставки и разлози?

Прво ќе го прегледаме прашањето: во каков однос ќе станат комитетите и македонската интелигенција кон едно ново национално течење сред Македонците, коешто бара не само политичко, ами и национално и религиозно ослободување на Македонија, т.е. кон едно течење што прокламира „Македонија за Македонците” против сите претенденти на Македонија, во тој број и против Бугарија и Бугарите? Да си претставиме оти тоа ново течење е незначително. И во тој случај треба да се реши прашањето за односот кон него. Ако новото течење од гледиштето на комитетите е нешто опасно и непожелно, тогаш тоа треба да се искорни уште при самиот зафаток; ако тоа само по себе нема почва, тогаш треба да се остави само од себе да исчезне; а ако е полезно за Македонија, тогаш ќе треба да се поддржи од нив.

Прашањето дали новото течење има иднина или не, ќе се разгледа подолу, од каде што ќе се види оти тоа, ако се остави само на себе и се игнорира, ќе се развива само, а не ќе опаѓа. 108 Затоа, имајќи предвид оти новото течење само од себе ќе расте, треба да се разгледа прашањето дали комитетите ќе се борат со него или пак ќе го поддржуваат?

Прво се поставува прашањето: дали комитетите, расудувајќи логично, можат да му објават војна на новото течење? Може да се допушти оти таква војна може да се очекува, зашто во комитетите има членови не само Македонци, ами и Бугари, и последниве никојпат не ќе се согласат со новото течење, зашто со него ќе се закопаат бугарските интереси во Македонија; исто така има и меѓу Македонците членови на комитетите лица што ќе расудуваат вака: Сега на старост ние не можеме да учиме нов јазик: бугарски знаеме и бугарски ќе зборуваме, - ние сме Бугари.

Малку тоа. Мнозина, па и најголемиот дел од македонската емиграција во Бугарија, ќе се противат на новото темење од чисто егоистички причини. Повќе од 5.000 души Македонци има на државна служба само во Софија. Не помалку има кандидати за служба. Меѓу таа македонска интелигентна емиграција има мнозина или што имале или имаат високи должности, пак и коишто се претенденти и кандидати за нив, во тој број и за министерски портфељ. Се знае оти сите тие господиновци си ги имаат најгоре од сe своите лични интереси. За нив интересите на Македонија се едно средство да добијат служба и да се одржат на неа. И интересите на Бугарија не господ знае што означуваат. Но за да се исполнат нивните егоистички планови за убава служба, тие се готови да се покажат повеќе Бугари од самите Бугари, да играат улога на бугарски шовинисти, со неа да ги експлоатираат и бугарскиот кнез и интересите на Македонија, и на бугарскиот народ и на европското општествено мислење, со еден збор, да лажат и на десно и на лево, под вид дека исполнуваат некаков патриотски долг, а всушност да добијат служба, власт и популарност. Штом македонската интелигентна емиграција се состои главно од такви лица што си ги имаат соединето своите интереси со Бугарија и се оближуваат околу бугарскиот кнез, којшто по ќеифот си ги клава и си ги симиња министрите и којшто може да постави за министри не само луѓе што имаат малку популарност сред бугарскиот народ, но и такви што воопшто немаат партија и се „независни“, т.е „и тука го клаваат и таму го клаваат”, - штом имаме луѓе што мислат оти главното достоинство на човекот е не чесно да му служи на својот народ, ами да итрува, т.е. да лаже и десно и лево, - тогаш природно е оти новото течење во развивањето на националното самосознание на Македонците нема да сретне поддршка во нашата емиграција во Бугарија.

Нема што да се зборува и за учените Македонци во Бугарија: тие едногласно ќе речат оти новото течење е просто апсурд, оти никојпат немало македонска народност и сега ја нема; оти Македонците се Бугари и сл. Секојпат и насекаде бивало така и така ќе биде сега и кај нас. Учените, аристократијата, интелигенцијата и воопшто општествените класи, каде што се имаат лични интереси, стари традиции и предубедувања, се борат со новите течења, каде што се наоѓаат вистината и правината. Тие течења се вкоренуваат првин во долните класи и воопшто кај луѓето без предубедување, готови да се борат со тие предубедувања во заштита на новите идеи, од чие реализирање ќе зависи не само нивната, туку и среќата на нивниот народ. За илустрација на одот и на резултатие од борбата меѓу стари и нови течења доста е да се потсетиме за борбата на христијанството со паганството, реформирањето на Русија од Петар Велики, преродбата на Чесите, Литовците, правописната реформа на Вук Караџиќ итн.

Туку, да го оставиме излезот на борбата помеѓу старото и новото течење, да се задржиме на прашањето за односот на комитетите кон новото течење. Јас погоре реков оти поголемиот дел од членовите на комитетите ќе бидат за борба со новото течење. Но како ви се чини, дали таа борба ќе биде победоносна за нив? - Не. - Таа само ним ќе им го ископа гробот. Таа ќе ја компромитира и бугарската политика во Македонија. И еве зошто.

Досега комитетите му велеа на надворешниот свет оти тие работат само за „Македонија за Македонците” и се готови да им дадат секакви гаранции да не стане присоединување на Макдонија со Бугарија. Бугарија ја искажува истата политика по македонското прашање. Комитетите велат оти се готвеше и стана општо македонско востание од сите македонски народности заедно, а не само од „Бугарите”. А кога им велите: штом востанието е општо од сите македонски народности, тогаш зошто Комитетот заседава само во Бугарија, а не и во Србија, Влашко и на друго место, тие одговараат вака: Од тоа што комитетите заседаваат во Бугарија погрешно е да се прави заклучок дека македонските комитети се бугарски; за македонските комитети Бугарија не е ништо повеќе од една држава што им укажува гостопримство на Македонците и им дава слобода да работат слободно до колку таа работа не и’ нанесува штета на државата, т.е. Бугарија во македонското востание ја игра само улогата на Каравлашко во бугарското востание. Бугарија го кажуваше истото. Европејците, се разбира, не веруваа во тоа. Ами сега колку лажовни ќе излезат тие уверувања и на македонските комитети и на Бугарија, ако и едните и другите, од пасивен однос кон едно ново течење што бара „Македонија за Македонците”, а не за Бугарите, или од иронизирање со него, стапат во борба со него? Таа борба ќе им ја симне маската и на едните и на другите и ќе ги востанови симпатиите на европската јавност и на европските влади во полза на новото течење и против лажливците. А без Европа и Русија ни комитетите ни Бугарија не можат ни за јота да ги изменат судбините на Македонија.

А штом е така, комитетите од ироничен и пасивен однос кон новото течење ќе треба непосредно да преминат кон неговото поддржување. Ете го одговорот на прашањето: каков може да биде односот на комитетите кон новото течење?

Сега да поминеме на другото прашање: од каде новото течење ќе зема сила ако македонската интелигенција и комитетите во Бугарија зафатат борба со него? Со што располага тоа?

За одговор на тоа прашање треба во неколку црти да се одбележи улогата на Србија во македонската национална преродба. Да ја пренебрегнува човек положбата што ја има заземено Србија во македонското прашање и нејзината улога во македонската национална преродба е лекомислено. Дури може да се рече дека во најновата историја на Македонија Србија изигра поголема улога од Бугарија. Кога Бугарија со шум сакаше да го реши македонското прашање, водена за носот од македонската емиграција, Србија тихо, со голем успех работеше во Македонија наполно согласно со српската поговорка: „Тиха вода брег рони”. Имаше време кога улогите на овие две држави беа обратни, т.е. Србија шумеше, а Бугарија работеше.

Да бидеме појасни.

До Српско-бугарската војна во 1885 г. Бугарите тихо работеа во Македонија. Сливница109 им покажа на Србите оти ако една Бугарија со Источна Румелија може да и’ покаже на Србија еден сливнички пораз, тогаш соединета Бугарија, заедно со присоединетата кон неа Македонија, во идно време може и сосем да ја победи и да ја пороби Србија. Сливница ја натера Србија да почне една нова борба со Бугарија за Македонија. Најнапред таа борба беше на хартија: Србите докажуваа со громки и плитки фрази оти тие имаат поголемо право над Македонија од Бугарите. Од тоа поминаа пак на громка, но безрезултатна пропаганда во Македонија: им изнаветија на Македонци, млади ученици од бугарски и грчки училишта златни гори за во Србија. Патриотското пропагандно друштво „Св. Сава” од 1888 година отвори пансион за своите ученици стипендијанти. Во 1889 година бројот на стипендијантите на тоа друштво се зголеми, за да се намали по неколку месеци: во ноември месец на таа година околу 40 души ученици Македонци едни тајно, други јавно и демонстративно, поминаа од Белград во Софија за таму да учат (се разбира, со бугарски пари)110. Тој неуспех не ги обескуражи одважните Срби: Друштвото „Св. Сава” отвори патриотска потписка во Србија за изградување нова зграда на друштвото за пансион и за свое пропагандно училиште. Во 1890 год. се издигна голема трикатна зграда во која од јануари 1891 год. се отвори пропагандната „Богословско-учителска школа”, за да се затвори по половина година. Но затоа Светосавското друштво за таа половина година направи доста шум: во неа, освен науките, имаше и воена гимнастика и маршеви на учениците со музика по Белград и неговата околина и патување во летото по Србија, каде што се произнесуваа громки здравици. 111 Со тоа се сврши шумот во Србија и Србите фатија да работат тихо и упорно: пропагандата помина од патриотското друштво во рацете на Министерството за надворешни работи. Министерството прво ги праќаше своите стипендијанти во српските провинцијални градови за да учат, а после ги собираше во Белград во специјални школи или на Великата школа. 112

Работењето на Србите не остана без резултати при решавањето на македонското прашање. Србите со своите училишта во Македонија успеаја да создадат илузија во европското и во руското јавно мислење дека има Срби во Македонија. Штом една таква илузија поминува пред владите на големите сили за факт, тогаш е јасно оти при решавањето на македонското прашање треба да се имаат пред очи и барањата на српската влада. Следствено, Србија при таа борба постигна повеќе од Бугарија, која со шумот што го подигна остана со загуби, а не со добивка. Ако не се јавеше новото течење во развитокот на националното самосознание меѓу Македонците, коешто ќе ги прирамни загубите на Србија со загубите на Бугарија, тогаш може позитивно да се тврди оти од Востанието бугарските интереси во Македонија само пострадаа, а српските само се зголемија.

Но српската пропаганда, освен илузијата за српска народност во Македонија и попречувањето да се реши македонското прашање во полза на Бугарите, има и други резултати.

Во почетокот на нивната пропаганда Србите и не мислеа да ги прават Македонците Срби; тие сакаа просто да создадат во Македонија редум со бугарските и српски интереси, така што во времето на решавањето на македонското прашање да добијат колку што се може поголем дел од неа. Таа цел се достигнуваше едно со најавување историски и други права и сообразувања, а друго и главно, со инакво поставување на прашањето за народноста на Македонските Словени. Последниве можеа да се истават или како нешто средно помеѓу Србите и Бугарите, т.е. ни Срби ни Бугари, а просто Македонци или Македонски Словени, или како Срби. Првата теорија имаше помалку следбеници и беше предназначена за пред европското јавно мислење. Но на таа теорија и беше затворен влезот во Македонија, како и во сите тие средини од каде што излегуваа пропагандистите. Таа теорија беше опасна за српскиге интереси во Македонија, зашто ќе ја повлечеше по себе согласноста на Србија да се образува одделна македонска држава и со тоа Србија не ќе добиеше ни еден дел од неа. 113 Втората теорија, т.е. сите Македонски Словени се исто такви Срби како и Босанците, Црногорците итн. се вкорени во Србија. Со тоа Србите ги лажеа не само европското јавно мислење и Македонците, туку и самите себеси: тие фатија да ја пропагираат истата идеја и сред Србите со помошта на училишта и книги. Последниве беа и се сите тенденциозни по прашањето за народноста на Македонците. Илузиите на европското јавно мислење за српски интереси ги донесоа своите плодови. Илузиите на самиот српски народ пак не се безрезултатни: во случај на војна за Македониија со кого и да е, Србите како еден сите ќе се нафрлат на непријателот, -српската војска со најсилно патриотско чувство ќе се бори за Македонија.

Српските усилби да се прегледа од научно гледиште македонското прашање се овенчаа со успех. Бугарите можат да се утешуваат дека прашањето за народноста на Македонците е решено во нивна полза. Тие можат да му турат нему крст. Но не го прават тоа другите учени. Сега веќе има претставници на науката, како професорите И.А. Бодуен де Куртене, 114 П.А. Лавров115 и В.Јагиќ, 116 коишто гледаат на македонските наречја како на одделен претставник на словенската фамилија јазици. Тоа прегледување и таквото решение е српска научна победа.

Србите напрвија преврат и во сфаќањата и стремежите на Македонците, преврат вистина не и во нивна полза, но уште помалку во бугарска. Тие сакаат да ги направат Македонците Срби, забрануаајќи да се обраќаат пропагандите со нив инаку, освен како „прави” и „чисти” Срби. Тоа не стана. Македонците фатија да се задлабочуваат во прашањето за нивната народност и интересите, и дојдоа до заклучок дека не се тие ни Срби ни Бугари; дека нема за нив ни бугарски, ни српски ни грчки интереси, а дека има само македонски. Србите не ја достигнаа крајната граница на нивните стремежи, но достигнаа таква граница од којашто вистина не може да се оди понатаму, но којашто може да ги успокои поумерените елементи во српското општество и народ.

Одот на српското влијание во развивањето на народното самосознание кај Македонците и неговите резултати се претставуваат во овој вид:

Во 1889 год. во Белград во пансионот на Светисавското друштво на Космајска улица имаше околу 50-60 души млади Македонци. Меѓу нив немаше „Старосрбијанци”, а сите беа само од Македонија и по нивното образование, до доаѓањето нивно во Србија, во бугарски или во српски училишта, се делеа на: „бугараши” и „гркомани”. Меѓу нив „србомани” немаше.

Старите „бугараши“, заедно со новопристигнатите таа година и со некои „гркомани”, на број околу 30-40 души, едни тајно, други јавно и демонстративно, заминаа во Бугарија. Тие млади Македонци, воспитани во Србија во народен, т.е. во дух да ја сакаат најнапред својата татковина и својот народ, па после човештвото, заминувајќи во земјата каде што нема национално самосознание, а наместо него полн индиферентизам кон народните интереси, внесоа во неа нова струја од национално воодушевување и работење за ослободувањето на Македонија. Тие ја составија во Бугарија основата на работењето во полза на Македонија. 117

„Гркоманите” во Белград од година во година се зголемуваа со нови „гркомани” и „бугаромани” но и едните и другите внатре во Србија мачно се преобрнуваа во „србомани”. „Србомани“ се правеа тие само со заминувањето во Македонија како српски чиновници и органи на српската пропаганда. „Србомани“ Македонци имаше само за надворешниот свет и за другите пропаганди во Македонија. Органите на српската пропаганда во својата душа никогаш не се чувстуваа како „Срби” или „србомани”, осооено во првите 10 години, иако имаат тие живеано во Србија.

Живеењето на млади Македонци во Србија секогаш имаше многу добро влијание врз интересите на Македонија. Тука тие се заинтересируваа за прашањето за нивната народност, за српските филолошки и историски аргументи за нивната народност, за српскиот патриотизам и за неговото крајно изразување во вид на шовинизам или слепо преточитање на своето пред туѓото, за причините на српскиот шовинизам, за улогата на Србија во сегашно и во идно време во македонското прашање и за многу други важни и интересни прашања.

Вештачкото создавање српски интереси во Македонија беше јасно за сите. Но исто така Македонците сознаваат дека Србија е држава што располага со војска, дипломатија, еден народ и една интелигенција што ќе ги бранат српските интереси во Македонија со примерна преданост и краен фанатизам.

Борбата со српските интереси во Македонија е претешка не само за Македонците, коишто не располагаат со држава и државен буџет, војска, дипломатија и др., но и за слободна Бугарија. Затоа Македонците во Србија се откажаа од една јавна борба со Србите, но со тоа тие не се откажаа од интересите на нивната татковина.

Од избегувањето на првата група македонски ученици во 1889 година, за коешто спомнав, сe до 1895/6 учебна година избегуваа кое по мали групи од 5-10 души, кое одделно од по 1-2. Но поголемиот број Македонци остануваа во Србија и бараа пат како ќе се може да се работи во полза на Македонија без да се влегува во отворен конфликт со Србите.

За да се изработи една таква програма, македонските ученици во Белград во 1893/4 учебна година, во времето на инспекторството над нив на директорот на III гимназија Ѓуро Милијашевиќ, решија да состават македонско друштво во Белград. Целта на друштвото беше неговите членови да се запознаат и да си изработат една програма што ќе ја реализираат во Македонија тајно од српската пропаганда. Јавната цел на друштвото беше изучувањето на Македонија во етнографски, географски, филолошки и историски однос. 118

Се разбира оти од тоа друштво не излезе ништо, зашто Србите не им веруваа на Македонците и фатија да праќаат во него „Старосрбијанци”, Црногорци, Босанци, Херцеговци и др. Особено таа недоверба и наплив од Срби во македонското друштво настапи во II година од неговото постоење при инспекторот гимназискиот проф. Јуришиќ. Но со растурањето на друштвото не се изменија чувствата и стремежите на Македонците во Србија. Тие фатија да ја следат Револуционерната организација, создадена од Македонци со бугарско-српско образование, како и односот на Србите кон неа. Тие си дадоа отчет од улогата на Србија во македонското прашање досега и за иднина, затоа и ним им припаѓа честа да се создавачи на националниот сепаратизам сред Македонците. Тие се и главните негови следбеници. Меѓу нив има луѓе со висок патриотизам и со здраво разбирање на националните македонски интереси.

Тие македонци и им дадоа израз на своите убедувања за македонското прашање со издавањето на весникот „Балкански гласник” во Белград во 1902 год. Издавањето на овој весник не можеше да им се бендиса на српските шовинисти, затоа српските весници подигнаа шум против издавањето на „Балкански гласник” обвинувајќи го неговиот редактор за сочувство на македонските комитети, како резултат на кое тој беше протеран од Србија. 119

Такви се резултатите од српската пропаганда меѓу нејзините воспитаници и органи, родум од Македонија. По прашањето за народноста на Македонците Србите пред Македонците се придржуваа кон втората од споменатите две теории, т.е. дека Македонците се Срби, и токму затоа кај нив се добија спротивни резултати. Србите сакаа да ги направат Македонците да им служат на српските интереси, т.е. самите да се мислат и на своите сонародници да им велат дека се Срби. Но наместо тоа Македонците фатија да гледаат на себе како на Македонци, со свои одделни цели, и сакаа не да служат како орудија за српски цели, туку да ја употребат српската политика како средство за постигнување чисто македонски цели.

Ни еден српски воспитаник, особено ако тој има живеано во Србија, не само што не им верува на Србите дека тој е Србин, туку и ги мрази за нивниот шовинизам и ги лаже за да си ја достигне само целта, да добие образование. По свршувањето на учењето може да биде и чиновник на пропагандата, но притоа тој ги мрази и си ја проколнува судбината што е орудие на една пропаганда, којашто си има свои цели, совршено спротивни на интересите на неговата татковина - Македонија.

Таквиот Македонец обично до стапувањето во српското училиште бил и во бугарско или во грчко или и во едното и во другото. Тој си спомнува како во едното училиштетого уверувале дека тој е Грк, во другото – дека е Бугарин, а тука - дека е Србин. За него е прашање - каде е вистината, зашто сите имаат свои аргументи. Спротивните аргументации не даваат можност да се најде која е најправата и затоа Македонецот решава дека сите се лажни и дека има само една непобитна вистина: Македонците Словени се Македонци и Словени, следствено, треба секој Македонец да ги чува интересите на својата татковина и на својот народ, а не интересите на пропагандите. 120

Да укажеме и на друг тип Макдонец со српско образование. Тој можеби се смета Бугарин и по проживувањето во Србија 4-5 год. Откако ќе го сврши тој своето образование во Србија, каде тој треба да оди: во Бугарија или во Македонија? И во едната и во другата што ќе прави? Бугарија и Егзархијата во Македонија си имаат чиновници повеќе отколку што им се нужни. Пак и да има место, нема да му го дадат на еден што свршил во Србија, туку на еден свој кандидат. Да го допуштиме уште и тоа, тој да добие бугарска служба. Но ќе се чувствува ли тој на неговото место? - Не. Тој во времето на поминатите негови години во Србија се наоѓал под влијание на цел ред околности што отсуствуваат во Бугарија и затоа неговите погледи се разликуваат од погледите на оние што се образуваа само во Бугрија и се слободни од цел ред преземени мисли и предрасуди. Најмалку, во новата општествена средина тој ќе се чувствува не на своето место.

И така, Србија со своето замешување во македонското прашање направи огромен успех и треба да си признаеме дека тој не е толку во нејзина колку во наша полза. Таа отвори училишта, кладе конзулства, го ракоположи Фирмилијана и со сето тоа му даде нов правец на нашето прашање. Таа во европското јавно мислење и во самата Србија создаде илузија дека има Срби во Македонија и таа илузија во очите на европејците минува како факт. Таа натера одново да се прегледа прашањето за народноста на Македонците и да се реши ни во полза на Бугарите, ни во полза на Србите, а во полза на одделна македонска народност. Таа воспита цело поколение Македонци што имаа, имаат и ќе имаат најрешавачко значење во новата историја на Македонија. Српските воспитаници играат важна улога во македонското прашање, без да се обраќа внимание на тоа дали тие работат под бугарска, под српска или под македонска фирма, како и без разлика дали се тие во морален однос луѓе високи или не. Српски воспитаници има од сите тие категории и во сите нив српското влијание се покажува благодатно за Македонија. Српските воспитаници што работеа под бугарска фирма ја создадоа и ја поткрепија македонската револуција; на нив се должи и политичкиот сепаратизам. Националниот сепаратизам се должи на српски воспитаници идеалисти што работат под српска маска, а во душата своја се признаваат за Македонци; 121 српските воспитаници, со своето образование во Србија, се образуваа во национален дух, наместо во национален индиферентизам во Бугарија, иако некои од нив целосно не престанаа да се викаат Бугари, но меѓу нив и Македонците со чисто бугарско образование и самите Бугари се отвори една голема пропаст: тие со своето образование застанаа на средината меѓу Бугарите и Србите, т.е. викајќи се по традиција Бугари, тие престанаа да се такви во својата душа: тие станаа Македонци. Најпосле најдолните, најочаените органи на српската пропаганда, родум Македонци, пак се полезни за Македонија: од нив се образува класа од недоволни од српската пропаганда за коишто нема пат кон Бугарите; тие ќе ја зголемат класата од националните сепаратисти.

Значи, ако и ние се лажеме во претпоставката оти националниот сепаратизам ќе биде поддржан од комитетите, од Организацијата и од македонската интелигентна колонија во Бугарија, тогаш, и во таков случај, доста е една силна српска пропаганда во Македонија за да земе најголеми размери националниот сепаратизам.

Но новото течење среќава и ќе среќава најдобар прием уште во неговиот зафаток и кај најдобрата, најинтелигентната и непродадената македонска интелигенција, како и што е резултат на умствениот и моралниот развиток на последнава. Има и ќе се најдат мнозина интелигентни Македонци што се готови да си го дадат животот за интересите на својата татковина и својот народ, коишто ќе се запрашаат: што е поважно за нас Македонците - општобугарските, општосрпските, општогрчките или македонските интереси? И ќе одговорат дека интересите на татковината секогаш се погоре од интересите општонародни и дека последниве се само средство за првите, а не наопаку. Мала набљудателност треба за да се убеди човек во таа вистина. Најнапред, од секого се знае оти ние ги милуваме нашата татковина Македонија и нашиот народ, зашто секој ден ги гледаме и ги изучуваме со своите органи на чувствата. Во неа и сред него сме родени. Од детинството сe што им е мило ним и нам ни е мило; на сe што се радуваат тие и ние се радуваме; тие плачат и ние плачеме; тие се смеат и ние се смееме. Општата радост и жалост, општите преданија и обичаи нe прават сите нас едно цело - еден народ. Но штом ќе ја поминеме границата на Македонија, или на југ или на североисток или на север, т.е. во Грција, Бугарија, Србија, наеднаш ќе почувствуваме оти на нас дува веќе друг ветер; ќе почувствуваме дека ние таму сме само неканети гости. И оти ако сакаат таму да ни се покажат браќа, тоа го прават за да нe ограбат нас и да нe експлоатираат. Грците, Бугарите, Србите сите заедно нe уверуваат нас дека ние сите сме само од нивната народност и оти нашиот спас е само во соединувањето на цела Македонија, или барем на еден голем дел од неа, кон нивната држава. Секој од нас ќе забележи оти тие луѓе, за кои ние знаевме само од книга и ги знаевме како луѓе што сакаат да ни поможат да се ослободиме, ни се покажуваат нам за пријатели и сонародници и ни се присторуваат за наши покровители, не затоа што сме ние Грци, или Бугари или Срби, не зашто се грижат за некакви општонародни интереси во кои влегуваат и нашите, не зашто сакаат да поможат и да нe избават нас, а само со чисто егоистички цели, т.е. тие го експлоатираат тоа што ние се викаме со нивните народни имиња и сакаат, врз основа на постое њето на тие народни имиња во нашата татковина, да ја зголемат својата татковина, да ги обезбедат своите интереси со завладувањето ако не на цела Македонија, тоа барем на голем дел од неа. Не ни покажува ли тоа оти малите држави, па и секоја една земја, со гонењето општонародни цели гонат не хумани цели, ослободувањето на поробените, ами чисто материјални и егоистички цели, т.е. зголемувањето нивно за свој интерес, без да се гледа дали ќе настапи подобрување во судбината на Македонија или не. Значи, месните интереси се јавуваат главни, а општонародните второстепени; првите се цел, вторите - средство. Имињата: Бугарин, Србин, Грк во Македонија се средство на малите држави за да нe заробат нас. Ако и ние ја сакаме нашата татковина и самите себеси, тогаш и ние треба да ги претпочитаме нашите месни македонски интереси пред општобугарските, општосрпските, општогрчките. Ние треба да создадеме таква положба - да нема во Македонија ни бугарски, ни српски ни грчки интереси, зашто таму нема Бугари, Срби и Грци, ами има само Македонци од словенско потекло и некои други македонски народности. Нашите интереси треба да си ги изучиме и да си ги заштитуваме сами, а не да ги даваме во туѓи раце за да ги експлоатираат малите балкански државички.

После, националниот сепаратизам ќе има место и кај луѓе што гледаат од практично гледиште на работите, без да се занимаваат многу со теоријата за нашата народност. Така, тие ќе расудуваат: ако една Канада може да и’ се лути на Англија затоа што последнава, за да си биде во добри односи со Сев- Американските Соединети Држави, им ги пожртвувала ним интересите на Канада и последнава сега сака да се ослободи од Англија и сама да си ги брани своите државни интереси, зашто подобро си ги разбирала, - тогаш зошто Македонија да не и’ се лути на Бугарија затоа што таа не може да ги брани македонските интереси, ами само ги експлоатира нив, и зошто Македонија да не рече: Јас пролевав крв од мои синови, нека ги бранат моите интереси тие самите, а не твои Начович, Цоков, Станчев и тн.

Исто така мнозина ќе забележат оти малите држави се однесуваат со таква недаверба кон улогата на Бугарија во Македонија како што се однесуваа големите сили кон улогата на Русија во бугарското ослободување. Последниве се плашеа од една „С.-Стефанска Бугарија”, зашто мислеа оти Русија ќе си ја присвои. Исто така, малите држави мислат сега оти Бугарија сака да се ослободи Македонија за да си ја присвои. Но кога видоа западните држави оти се излагани и оти Бугарија раѓа такви луѓе како покојниот Стамболов и живиот Свирчо, се успокоија и зедоа против волјата на Русија да го прават тоа што самите го расипаа во Берлин. Не ќе се најдат ли и кај нас луѓе што ќе разберат оти довербата на малите држави кон нашата татковина ќе зависи од наши стамболовци и свирчовци, но коишто ке ја видат опасноста за нашите национални интереси не во Русија, ами во Бугарија? Повеќе е од за верување оти ќе се најдат и такви. И тие ќе бидат крајните сепаратисти.

И најпосле, мнозина ќе забележат оти најголемата наша несреќа се крие во тоа што кај нас нема местен македонски патриотизам. Да беше кај нас тој, ние кај и да сме ќе мислевме и ќе работевме само за Македонија. А сега едни од нас гледаат на себе како на Бугари и ги соединуваат нашите интереси со бугарските и наместо да ја изучуваат Македонија во секаков однос, наместо да ја изучуваат историјата на Македонија во сите времиња, ги изучуваат бугарските интереси и бугарската историја и не честопати оние периоди од неа што немаат никаков однос кон Македонија. Така на пр., г. Баласчев, 122 охриѓанец родум, наместо да се занимава специјално со историјата и интересите на Македонија, ми ги изучува бугарските интереси и „материјалната култура на бугарското ханство” 123 нешто што го има за Македонија истото значење како и историјата на Абисинија до покрстувањето на Абисинците. Други од нас се во Грција и ги проучуваат грчките интереси и грчката историја. Друг охриѓанец, Димица, 124 се подвизува во Грција и за него има значење историјата на Македонија само до нејзиното завојување од Римјаните. Други Македонци во Србија се прават српски патриоти и работат наместо за Македонија - за српските интереси. Така, еден богат кожарски трговец по име Коста Шуменковиќ125 по смртта своја пожртвува 500.000 франкови за српските училишта. Доста се таквите жални резултати од врзувањето на нашите интереси со туѓите за да се убедат мнозина дека нашиот спас е само во националниот и религиозниот сепаратизам.

Во луѓето со такви убедувања, како и сите Македонци незадоволни од пропагандите ќе биде во прво време силата на новото течење. Но така ќе биде само во почетокот. Бројот на приврзаниците јавни и тајни ќе расте, не по дни, а по часови. Важно е тоа што до кога што ќе има во Македонија бугарска пропаганда, ќе има и српска. И двете пропаганди се држат само со бугарски и српски пари. Незадоволните од втората до Востанието беа повеќе. По Востанието бројот на незадоволните од обете пропаганди ќе се израмни со зголемувањето на незадоволните од бугарската пропаганда. Но и да не биде тоа, една српска пропаганда е доста за да создаде превосходна почва за новото течење. Сите Македонци од српската пропаганда ќе бидат на страната на новото течење: органите на пропагандата ќе сочувствуваат тајно, а неплатените Срби ќе ја исповедуваат својата македонска народност јавно.

Најпосле, и мнозина Македонски Словени со грчко образование ќе се признаат за Словени. Сега тие не го прават тоа, зашто треба да се викаат Бугари, а името Бугарин кај Грците се става многу долу. После, сите, од Македонците се готови да направат отстапки од своја страна за обединувањето во едно национално цело, но ни еден од следбениците на трите национални пропаганди нема да ја изневери својата пропаганда за да капитулира пред друга. Националното обединување на Македонците може да стане само со компромис помеѓу нив, а не со капитулирање на едните пред другите. А кој компромис и е новото национално македонско течење.

Оттука е јасно оти ако новото течење и не добие некаква поддршка од многубројната интелигентна македонска колонија во Бугарија, пак ќе се развива, само ќе се развива веќе како течење насочено специјално против бугарските интереси во Македонија. При големиот развиток на новото течење и при силниот отпор од Бугарија, може да се очекува за него поддршка од страна на Србија. Колку и да се покажува тоа недобро и опасно за Србија, сепак тоа не им противречи на српските интереси. За Србија е важно Македонија, ако не биде српска, да не биде и бугарска. Штом ќе се види оти таа никојпат нема да биде српска, Србите ќе можат да се одвратат од своите утврдувања дека Македонците се Срби и ќе ги признаат за одделно словенско племе, еднакво блиско до Србите и до Бугарите. 126

И така, македонската национална преродба е настапен историски процес што има под себе јака почва и голема иднина. Таа се должи главно на конкуренцијата помеѓу Бугарија и Србија по македонското прашање. Како преодни стадиуми кон полното одделување на македонските интереси од бугарските и српските, т.е. кон националниот сепаратизам, служат политичките револуционерни организации и политичкиот сепаратизам пропагиран од нив. Како главен извор за зголемувањето на бројот на националните сепаратисти ќе служи зголемувањето на конкуренцијата помеѓу бугарската и српската пропаганда во Македонија и бројот на лицата незадоволни од тие пропаганди. Националниот сепаратизам ќе се зголеми исто така и од лицата што ја осознаваат сета штета од националните и верските пропаганди, кои под вид дека ги бранат нашите интереси, безбожно ги експлоатираат нив, и коишто ќе се решат на борба за националното обединување на Македонците против сите тие пропаганди. Борбата со него е опасна не за него, а за неговите противници. Од таа борба тој ќе излезе победник, уште повеќе што реформите во Македонија ќе и’ дадат нејзе можност да се ослободи од туѓите влијанија и да го пренесе центарот на преродбата внатре во неа.

*. Прочитано на 3 седница на петроградското Македонско научно-литературно другарство „Свети Климент“ на 19 октомври 1903 г.

90. Мисирков зборува за „возродување”, „про6удување“, „собудување“ и сл. како процес во Македонија што поинтензивио се развивал од крајот на 80-тите години на минатиот век, но кој не само што траел, туку почнал и уште посилно да се распалува во 1903 год. особено по Востанието. Се разбира, Мисирков овде нема цел да го проследува тој процес и да го анализира тој поим. Меѓутоа, важно е што тој сепак зборува за таков процес, додавајќи притоа дека пред појавата на српската пропаганда националната свест на Македонците била разбудена „на половина”. Но процесот на преродбата и денеска кај нас сe уште не е наполно научно проследен и дефиниран како поим.

91. Иако имаше силни манифестации на македонската национална свест уште од половината на минатиот век, сепак 1890 год. претставува значаен меѓник во македонскиот национален развиток, бидејќи тогаш најизразито се почувствува активноста на туѓите националистички пропаганди и настана нагло и моќно раслојување на поранешната единствена народна маса што предизвика и најсилни бранувања сред македонската интелигенција за отпор против туѓинците и за народно единство. Како историчар, современик и учесник, Мисирков успеал, без вообичаената историска дистанца, прилично точно да го определи местото на овој процес и неговите основни координати во македонската национална историја.

92. К.П.Мисирков беше еден од тие бегалци (П. Попарсов, Д. Груев, Д. Мирчев, Хр. Попкоцев, Ѓ. Баласчев, Н.Наумов и др.) што беа и едни од главните основачи и идеолози на Младата македонска книжовна дружина во Софија и издавачи и уредници на нејзиниот орган сп. „Лоза” (1892). Тој беше сe уште во Софија кога почна организирањето на оваа дружина, па не е чудно што толку активно се вклучи и во организирањето на Ученичкото друштво „Вардар“ во Белград (1893).

93. Бидејќи Мисирков беше заедно со Д.Груев во Белград, заедно избегаа во Софија, а потоа и двајцата ја напуштија Бугарија, треба да се примат со доверба овие зборови, особено пак ако се имаат предвид и некои новооткриени документи од бугарските архиви од тоа време. Организирањето на вечерните училишта за Македонците печалбари, основањето на јадрото од коешто израсна Младата македонска книжовна дружина и остриот судар со бугарските власти на Стамболов, затворањето и потоа бегството во Македонија - зборуваат дека Груев навистина бил „во бројот на сепаратистите”.

94. Организираното револуционерно движење во Македонија има знатно подолга историја и започнува всушност уште во 60-тите години од XIX век, коешто изведе и масовни востанија (Разловечкото во 1876 и Кресненското во 1878 год.) што станаа одредници во новата македонска историја, но Мисирков има полно право кога образувањето на најмоќната организирана револуционерна сила во земјата - ТМОРО - ја поврзува непосредно со македонските интелектуалци што учествуваа во тие бегства од Македонија во Белград и во Софија и во акциите особено во Бугарија на самиот почеток на последната деценија од минатиот век.

95. Значајно е што и Мисирков меѓу највидните македонски револуционери, и тоа „сепаратисти“ (со смислата што му се даваше на овој поим во тоа време), на прво место то поставува Гоцета Делчев, независно од тоа што овој не стигна да се изрази и јавно како „национален сепаратист“. Токму ваков Делчев остана и во споменот на народот, поради што за него се испеани и најмногу и најдобрите македонски револуционерни народни песни, во кои македонското национално обележје е особено потенцирано.

96. Б. Сарафов имаше само бугарско образование, тој никогаш не отиде во Србија да се школува, но тој беше еден од воспитаниците на П. Драганов во Солун и беше внук на попот Харитон еден од највидните „сепаратисти“ од Источна Македонија во движењето од 1873-1874 год. А дека неговиот „сепаратизам” не бил само на зборови, потврдуваат и пишувањата на Мисирков и Чуповски за него во „Македонски глас” (1914).

97. Израз во рускиот јазик: против својата желба, со тешко срце, со страв.

98. На 18.7.1903 год. и Е. Спространов запишал во својот дневник: „Дури и етничкиот сепаратизам да се прегрне покрај политичкиот, пак нема зошто да се плашат Бугарите. Не само таму што се силни, туку и одовде кога ќе јурнат сите интелигентни луѓе, каков колорит ќе и’ дадат на земјата?” На 13.11.1903 год. по разговорот со Мисирков во Софија, во времето кога се печатеше неговата книга, Е. Спространов запишал: „Уверен сум дека неговиот македонски јазик ќе трае ден до пладне. Кога ќе затракаат печатните машини во Македонија, сe ќе исчезне. Па таму има цело поколение што се развивало, растело и учело на бугарски; ќе прифати ли сега тоа да се мачи на нов јазик?”

99. Б. Сарафов беше претседател само на ВМОК (1899-1901).

100. русизам: За жал!

101. Бугарскиот резервен генерал Иван Цончев (1859-1908) беше поставен од бугарскиот дворец и владата за потпретседател на ВМОК и беше главен вдахновител и организатор на „Горноџумајското востание” (1902). Тогаш настанаа и првите оружени судири помеѓу „врховистичките” и „централистичките” чети во Македонија.

102. Стојан Михајловски (1856-1927) е бугарски поет и општественик од гр. Елена што немаше ништо заедничко со борбата на Македонците за слобода, но во 1901 год. беше поставен за претседател на ВМОК, наместо дотогашниот Б. Сарафов што се покажа „непослушен” за бугарскиот кнез.

103. Се работи за отцепничкиот ВМОК на чело со Хр. Станишев што во извесна смисла се поддржуваше и од ЦК на ТМОРО.

104. Бидејќи во тоа време Мисирков беше претседател на ТМОК во С.-Петербург и непосредно кореспондираше и со ВМОК во Софија и со ЦК на ТМОРО во Солун, тој лично ги знаеше тие односи што подоцна имаше можност и на самиот терен да ги почувствува.

105. И „врховистот” бугарскиот полковник Анастас Јанков (?-1906) од с. Загоричани, кога во 1902 год. отиде со голема чета во Костурско за да крева „востание”, издаде проглас во кој меѓу другото се вели: „Македонци! Сетете се за светскиот победител, за светската слава на Македонија великиот Александар Македонски; сетете се за храбриот цар Самуил, македонскиот великан, за прекрасниот Марко Крале општословенска слава, - дека во нив течела македонска крв; тие од небесните височини бдеат и го благословуваат нашето започнато дело. Да се покажеме достојни нивни потомци: да им ги зачуваме славните имиња и да го зачудиме светот со нашата храброст, умешност и самопожртвуваност; да го отресеме од себе срамниот јарем што нe гуши пет века...”

106. Дека оваа анализа на Востанието е правдива, дека Мисирков не можел да биде противник на ТМОРО, туку само поборник за една поизјаснета нејзина национална програма, покажува и фактот што тој и во Софија основува Македонско научно-литературно другарство (1903), чии членови станаа и некои истакнати македонски револуционери. На 24.11.1903 год., додека Мисирков сe уште беше во Софија, Е. Спространов му пишува на бугарскиот министер-претседател Р. Петров: „Независно од тоа како и на ова мое писмо ќе погледнете, должен сум да ги изнесам моите грижи по повод брзото ширење на македонското национално движење, кое не само што ја зафати Македонија, туку наоѓа одзив и овде меѓу македонската емиграција, а најмногу кај интелигенцијата. Вам секако Ви е познато дека овде во Софија деновиве се основа Македонско научно-литературно друштво: Вистина, засега околу него се собраа десетина луѓе, но ако не се преземат соодветни чекори и не се протера Крсте Мисирков од Бугарија, тоа за кусо време ќе го опфати грото од македонската бројна емиграција... За жал, кон македонските националисти во последно воеме почнаа да се придружуваат и луѓето на Организацијата. Ако од тој аспект погледнете на проблемот, ако ја земете организационата и ударната сила на Организацијата во служба на македонското национално движење, дури тогаш во вистинската светлина се јавува опасноста за бугарското дело во Македонија. Со сигурност знам дека кон македонските националисти се придружија и македонските револуционери Димитар Мирасчиев, војводата, и четникот Јордан Ангелов. По сe изгледа, наскоро ќе им се приклучат и некои од лидерите на Организацијата.“

107. Ваквиот развиток на работите во Македонија го согледаа и заинтересираните претенденти па ги вложија сите усилби не само да го спречат, туку и да го задушат воопшто. Тоа беше и главната причина за влегувањето на оружените нивни чети во ерата на пописот на „нуфузите” во Македонија, особено кога веќе требаше да се воведат предвидените Мирцштетски реформи.

108. Дека и оваа мисла на Мисирков е точна покажува целиот понатамошен развиток и посебно нашата денешна слобода врз точно истите основни принципи, но дека тоа се согледувало и во тоа време, најдобро сведочи пак загрижениот за бугарштината во Македонија Е. Спространов, кој, меѓутоа, не можел да се ослободи и од македонското во себе. На 13.11.1903 год. утрото по разговорите со К. Мисирков и Ст. Јакимов кај него дома во Софија, Е. Спространов му пишува на бугарскиот министер-претседател Р. Петров: „Пишувајќи Ви ги моите лични сфаќања за иднината на мојатата татковина Македонија, ги имам предвид големите опасности што се кријат во сепаратистичкото национално движење меѓу еден дел од македонската интелигенција, кое зад себе веќе влече и македонски народни маси, особено во Југозападниот дел на Македонија, со центрите во Охрид, Ресен, Битола и Прилеп”. Потоа Спространов објаснува: „Во сегашниве услови... јас лично сум убеден дека сепаратизмот што зафаќа длабоки корени во масите може да стане решавачки фактор, особено ако масите ги поведат луѓе од типот на Мисирков, Дедов, Мишајков и други... Бездруго, македонските маси со поголема радост ќе го прифатат гледиштето на македонските националисти што проповедаат Организацијата да се претвори од револуционерна во еволуциона. Како таква ќе може легално да работи во Турската Империја. Но овојпат таа нема да има други цели, туку преку добиената културна автономија за Македонија да ја јакне македонската индивидуалност, преку создавање македонски културно-просветни установи на македонски јазик и создавање македонска самостојна црква на чело со македонски патријарх. Како што гледате, господине министер-претседателе, - продолжува Спространов - ваквите идеи што веќе нашироко се прифаќаат од македонското население, не се ни малку за потценување за да не им се посвети високо внимание. Ако притоа додадам дека пропагаторите на македонскиот сепаратизам се зафатиле мошне студиозно и со ентузијазам да печатат книги, речници, читанки, историски учебници и граматика на македонски јазик, тогаш можете пореално да ја сфатите опасноста за бугарштината во Македонија. Убеден сум дека за мошне кратко време, освен тенкиот слој на македонската интелигенција школувана во бугарските училишта, народот ќе го отфрли бугарскиот јазик и ќе го прифати македонскиот, односно мајчиниот, бидејќи ќе нема потреба да го учи, како што со мака го прави тоа со бугарскиот јазик.”

109. Тогашно село во Бугарија, каде што српската војска претрпе тежок пораз во Српско-бугарската војна од 1885 год.

110. Како активен учесник во сите овие манифестации на младата македонска интелигенција, Мисирков навистина точно ги предава настаните што може наполно да се следат во постојната архивска документација во Белград. Меѓутоа, тој сепак направил мал превид: во 1889 год. сепак избегале само мал број македонски студенти ученици од Белград во Софија, додека големата група за којашто зборува тој овде, ја напуштила Србија на почетокот на февруари 1890 год. Од постојните списоци на бегалците не се дознава кога точно пребегал самиот Мисирков, но во едно писмо од К. Мисирков и Гр. Хаџиташковиќ од 11.12.1890 год. до српскиот министер за надворешни работи се вели дека тие го напуштиле Белград „во месец јануари минатата година”. Меѓутоа, во полициските записници стои дека на 4.11.1890 год. во една поголема група сослушувани ученици и студенти од Македонија бил и Хаџиташковиќ и дека дури утрето и таа група го напуштила Белград.

111. И за оваа дејност на Богословско-учителската школа во Белград постои исцрпна архивска документација што наполно ги потврдува зборовите на Мисирков.

112. И овие констатации резултираат од Мисирковите лични доживувања во ова време, кога тој беше префрлен од Белград во Шабац и потоа пак во Белград.

113. Всушност „македонистичката” пропаганда на Србија влезе и во Македонија, но само со определени манифестации и во времето од 1886 до 1891 год.

114. Полјакот во Русија проф. д-р Јан Бодуен-де-Куртене (1845-1929) му беше професор на К. Мисирков во С. Петербург. Нивните односи беа поблиски отколку само како однос помеѓу професор и студент: Мисирков често го посетуваше домот на својот професор и разменуваше писма - на полски и на руски јазик. Бодуен-де-Куртене уште во август 1877 год. престојува во Македонија, потоа ги следи истражувањата на Л. Мазинг за македонскиот јазик (1890-1891), како и оние на П.Д. Драганов, К.Хрон и др., и во својот учебник „Споредбена граматика на словенскитејазици во врска со другите индоевропски јазици” (1901-1902) македонскиот го изделува како посебен од другите словенски јазици. Истовремено, Бодуен-де-Куртене му беше еден од менторите на Мисиркова при изработката и одбраната на дипломската работа (1902), а исто така се залагаше тој да биде оставен на постдипломски студии на Петербуршкиот универзитет. Не случајно и во 1905 год. Мисирков го поканува својот професор за соработка во своето сп. „Вардар”.

115. Петар Ал. Лавров (1856-1929) е виден руски славист и професор на К. Мисирков во С. - Петербург. Во 1900 год. тој учествуваше во „Македонската експедиција” на Руската академија на науките што го посети и родното село на Мисирков Постол, каде што се сретна со својот студент и ја имаше неговата помош и соработка. По враќањето од Македонија Лавров заедно со Мисирков работи врз „граматичкиот опис” на Мисирковиот роден говор, а самиот Мисирков направил „опис на неговото родно село Постол на месниот говор” што е всушност неговата прва досега позната научна работа на македонски јазик (1900). Исто така во тоа време, во учебната 1900/01 година, П.А. Лавров првпат го воведува македонскиот јазик како посебен курс на Петербуршкиот универзитет, а специјално за Мисиркова распишува конкурс за златен медал на тема „Народните песни на Македонските Словени како етнографски извор” (1901) што потоа ја брани како дипломска работа „Кон прашањето за народноста и причините за популарноста на македонскиот крал Марко” (1902). Затоа и не е чудно што на прво место меѓу поканетите за соработка во сп. „Вардар“ го поставува својот професор Лавров, кој во 1902 год. го имаше оставено Мисиркова на својата катедра за постдипломски (славистички) студии.

116. Хрватот Ватрослав Јагиќ (1838-1923) му беше исто така професор во Русија, на кого и подоцна му испраќа свои сепарати. Јагиќ беше наклонет кон посебноста на македонскиот јазик и тоа и јавно го изрази во една своја статија во виенскиот весник „Die Freie Presse” во времето кога Мисирков беше уште во Битола, којашто предизвика остра реакција на Балканот; особено во Белград.

117. Ова искажување не е сосема точно, зашто во Бугарија Македонците работеа „во полза на Македонија” и многу порано, уште веднаш по ослободувањето на Бугарија од руската армија (1878). Меѓутоа, сосем е точно дека дури со доаѓањето на бегалците од Белград во Софија во 1890 год. беше создадена основата на најзначајната македонска институција од тој период Младата македонска книжовна дружина што од почетокот на 1892 год. почна да го издава и својот орган „Лоза” на јазик со многу македонизми и со посебен „македонски правопис”. Токму тоа го изнесе на видело македонскиот „национален сепаратизам”, од кое после произлезе и образувањето на „Комитетот за придобивање на политичките права на Македонија дадени од Берлинскиот договор“ во Солун (1893) што прерасна во моќната ТМОРО.

118. Според Правилата на Дружината „Вардар” од 15.3.1894 год., целта на Дружината била: а) да работи врз испитувањето и запознавањето на својата татковина во земјописен, народностен и историски поглед; б) членовите на Дружината заемно да се помагаат, како во воспитен и морален, исто така и во материјален поглед; в) да работи врз сестраната подготовка на своите членови за да можат што подобро да му послужат на својот народ во државата на Неговото Величество Султанот.

119. Весникот „Балкански гласник” излезе само во 8 броја (7.7-25.8 1902) како орган на Македонскиот клуб во Белград. Како издавач беше потпишан Стефан Јакимов Дедов (1869-1914), а фактичкиот уредник беше Дијамандија Трпков Мишајков (1872-1953). По забранувањето на весникот и затворањето на клубот, Дедов и Мишајков отидоа во руската престолнина и во меморандумот до руската влада и до Советот на С. - Петербушкото словенско благотворно друштво од 12.9.1902 год. меѓу другото пишуваат: „По завршувањето на Правниот факултет во Белград ние почнавме да го издаваме весникот Балкански гласник (Reviue Balcanique), чија цел беше да ги брани интересите на македонските христијани не само од угнетувањето од Турција, но исто така и од разните пропаганди, и да проповеда за самостојна Македонија во политнчки, национален и духовен однос. Српската влада, под влијание на една група луѓе што мечтаат за „голема Србија“... го забрани издавањето на весникот, така што ние немавме можност да ги искажеме во целата полнота своите мисли за интересите на македонските христијани”. Подолу потписнициве велат: „Поради жалните резултати од таквото разделување на христијанското население во Македонија на разни групи непријателски настроени едни спрема други, ние уште пред издавањето на весникот „Балкански гласник“ се обидовме во вид на литературен клуб да основеме кружок што би имал за цел да ја обедини македонската интелигенција во Србија во едно цело, без разлика на убедувањата, и кој би се грижел за создавање единство на мислите сред македонското население. Средствата за достигнувањето на оваа цел беа чисто културни, па сепак и овој план ние не успеавме да го реализираме, бидејќи приврзаниците на идејата за „голема Србија“ го кренаа и против него својот влијателен глас”.

120. Укажувачки пример е обновувањето на Македонскиот клуб во Белград и издавањето на весникот „Автономна Македонија” (1905), чиј главен уредник беше некогашниот соученик и соборец на Мисирков во Белград, Софија и Шабац воденчанецот Григорие Хаџиташковиќ.

121. Најубедлив пример за тоа беа добар дел од членовите на МНЛД што имаа или српско или пак и српско и бугарско образование и воспитание: Мисирков, Чуповски, Константинович, Русуленчич, Петковски, Антонович, Ничота, Мишајков, Дедов, Џолевски, Николовски и др.

122. Георги Баласчев (1869-1936) од Охрид е историчар и публицист, познаник на Мисирков од заедничкиот престој во Белград (1889) и во Софија (1890), кој во времето кога се ставаа основите на ММКД, под псевдонимот Е з е р с к и, ја објави првата книга на македонски јазик за „лозарското” движење „Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци...” (Софија, 1890). Иако потоа живееше во Бугарија и беше на бугарска служба, Баласчев не еднаш го креваше гласот во полза на својата поробена и подоцна раздробена татковина. Макар што беше еден од главните издавачи на сп. „Лоза”, потоа се занимаваше со историјата и археологијата на старото бугарско ханство што ја предизвика и реакцијата на Мисирков.

123. Белешки врху вештествената култура на старобалгарското ханство и основанието му в Европа, с една картина, от Г. Баласчев (Собствено издание), Софија, 1902.

124. Охриѓанецот Маргарит Димица (1824-1903) е еден од истакнатите приврзаници на грчката националистичка пропаганда во Македонија, а во своето научно дело, како универзитетски професор во Атина, се определува исто така само за старата македонска историја.

125. Не случајно Мисирков зема тројца од Охрид што се свртеле на три различни страни и се ставиле во услуга на трите националистички пропаганди за завојување на татковината. Коста Шуменковиќ од Охридско навистина беше едно од најактивните орудија на големосрпската пропаганда во Македонија.

126. Како голем аналитичар на конкретната историска ситуација и на значајните процеси во општествениот развиток на Македонија и на Балканот, Мисирков ги согледал и идните односи. Напредните слоеви на српскиот народ уште по Првата светска војна ја согледаа вистината за македонскиот национален ентитет, па не беше само Коста Новаковиќ што во 1924 год. изјавуваше: „Јас сметам дека секој народ, па и Македонците, треба да добие право на самоопределување... Македонското население е национално поробено... Единственото решение што се наметнува е Македонија да добие самостојност и да стане врска за другите балкански народи”.

Содржина

Предговор

Што направивме и што треба да правиме во иднина?

Има ли потреба за македонски национални научно-литературни друштва?

Националниот сепаратизам: земјиштето на кое се има развиено и ќе се развива за напред

Составувала ли, составува ли и може ли Македонија да составува од себе одделна етнографска, и политичка единица?

Неколку зборови за македонскиот литературен јазик

 

Крсте Мисирков >> За Македонските Работи >>Националниот Сепаратизам