Крсте Мисирков >> За Македонските Работи >>Има ли потреба

 

Има ли потреба за македонски национални научно-литературни друштва?*

Идејата за образувањето на нашето друштво57 беше - полното одделување на нашите интереси од бугарските. Со него ние сакавме да им покажеме на Русите оти кај нас во Македонија нема национален антагонизам и е возможно задружно работење од сите македонски народности врз културна почва. Уште повеќе, ние сакавме да им покажеме на Русите дека нема во Македонија неколку словенски народности, а има само една; дека Македонските Словени можат сами да ја разрушат таа преграда што е поставена меѓу нив од пропагандите и од нивното образование во Бугарија, Србија или Грција. Ние сакавме да покажеме оти и покрај нашето образование и воспитание во разни држави или пропаганди, ние претпочитаме сите да направиме отстапки од своја страна за општомакедонските интереси, за да не бидеме орудие во рацете на пропагандите и на нивните цели: за да не се стремиме кон соединување ни со Бугарија, ни со Србија ни со Грција.

Но се најдоа меѓу ланските членови лица58 што го наоѓаат за излишно постоењето на такво друштво, зашто немало одделна македонска народност во Македонија, а имало само српска и бугарска, и бидејќи во Петроград имало бугарско и српско студентско друштво, немало потреба за македонско.

Имајќи ја предвид таа критика за потребата и целесобразноста на нашево овдешно друштво, ние сме должни да си дадеме точен отчет за причините што го предизвикаа неговото образување. Тоа може да се направи откако ќе се одговори на главните приговори на нашите противници, со кои тие се мачат да покажатдека нема потреба за одделно македонско друштво и дека неговото формирање не е своевремено.

Нашите противници велат оти сега не му било времето да се подигаат национални прашања во Македонија, кога е зборот за едно сносно постоење. на сите народности. Сега не е времето да се одделуваме од Бугарија, кога таа направила толку жртви за нашето ослободување и ќе направи уште за напред. Неумесно и неразумно е да ги одделуваме своите интереси од општобугарските, кога во соединувањето, а не во расцепувањето, е силата. Ако се подигне сега прашањето за националноста на Македонците, тогаш ние ќе треба да се вратиме назад за 30 и повеќе години. 59 Зар е и возможно сега националното обединување на Македонците, кога во Македонија има многу, а не една националност, и кога нема една одделна македонска словенска нација?

Најнапред треба да се рече дека не е вистина тоа што го велат оти сега не му било времето да се подига прашањето за народноста на Македонците. Со игнорирањето на ова прашање ние не правиме ни една стапка напред, зашто ако го игнорираме ние - тоа не го игнори раат сите, и мали и големи држави, освен Бугарија. Ние, значи, просто си ги затвораме очите пред непријатната за нас реалност. Ако, значи, го разгледаме тоа прашање, ние не се враќаме назад, а одиме напред, сознавајќи ја неговата важност. Вистина, со националното прашање ние ќе се занимаваме 20-30 години, 60 но кривината за тоа лежи во нашите претходници што не ја сознаа сета негова важност и не го кладоа да зрее. 61 Да беа го направиле тоа, немаше зошто ние сега да се занимаваме со него. Ако прашањето за народноста на Македонците има првостепено значење за Бугарите, Србите и Грците и секоја од овие народности го третира по свое, тогаш зошто и ние тоа прашање да не го земеме во свои раце и да го разгледаме сестрано - и од бугарско, и од српско и од грчко гледиште, и критикувајќи ги сите нив да не си изработиме македонско гледиште за нашата народност, а се задоволуваме, според местото каде што сме се учеле, или со српското, или со бугарското или со грчкото гледиште? Да не си изработиме свое, македонско гледиште за нашата народност, убедливо и справедливо за сите Македонци, значи дека ние не сме во состојба самостојно, без туѓо влијание, да се изучуваме самите себеси. Јас не можам да го допуштам последново и го сметам навредливо за мене, ете зошто и не се откажувам на прво место да си изработам свој самостоен поглед врз прашањето за мојата народност и врз онаа на моите сонародници. Значи мое гледиште, нашето друштво по прашањето за нашата народност не прави никаква нетактичност и само им укажа извесна услуга на духовните интереси на Македонците.

Сега ќе треба да одговорме на приговорот дека не умесно и е несвоевремено да ги одделуваме нашите интереси од општобугарските, зашто, од една страна, силата била во соединувањето, а од друга, Бугарија направила толку жртви за нашето ослободување и ќе направела и за напред.

Овој приговор е многу сложен, затоа ќе треба да му се одговара насекој дел поодделно.

Првото нешто што може да се рече тоа е дека ние не сега се одделуваме од Бугарија и со тоа раздрбуваме едно создадено цело, туку сме одделни и живееме веќе одделно повеќе од 25 години. 62 Други нe разделија и создадоа од нас и Бугарите различен живот, разни потребности, нерамна положба. Други и не ни даваат да се соединиме. Од македонско гледиште соединувањето на цела Македонија со Бугарија, или со Србија или со Грција не е пожелно, но не е ни страшно. Значи, нема зошто да се бориме со него. Но таквото соединување не ќе го допуштат ни малите балкански, ни големите европски држави. Значи, ние не сакајќи да ги мешаме нашите интереси со бугарските ја даваме својата согласност и го озаконуваме постојниот ред. Се поставува прашањето само, дали тоа озаконување е во наша полза, зашто велат оти Бугарија ни направила многу добрини и ќе ни направела уште. Да видиме што арно сме виделе ние досега од Бугарите?

Бугарите го зголемија буџетот на Егзархијата од појавата на српската пропаганда: со други зборови ја засилија нивната пропаганда и нивните интереси во Македонија. Кладоа тие неколку владици и отворија неколку трговски агентства, го поддржаа со пари востанието во Македонија и прехранија во Бугарија мнозина, обездомени Македонци избегани во Бугарија. Тие се арнотиите што ги видовме од Бугарите.

Како ви се чини: дали се доста? дали се многу? дали се повеќе од добрините што ни ги направија Србите? -Ако не бидеме бугарски шовинисти и пристрасно не гледаме на работите, не можеме да не констатираме оти во Македонија Бугарите не направија за нас Македонците ништо повеќе од тоа што го направија Србите. Пак и смело може да се рече оти направија помалку од Србите. Горе изброените бугарски добрини не се направија во полза на самите Македонци, а на интересите на Бугарија во Македонија. Затоа, бугарските милиони за Македонија немаат поголемо значење од српските за таму. Бугарите ни кладоа владици во Македонија; имајте на ум оти тие владици во повеќето случаи и на најважните места се Бугари, а не Македонци. Преку владиците Бугарите сакаат да истребат сe што не им е пријатно, а најмногу црковно-општинската самоуправа. Но таква услуга со српски владици сакаа да ни укажат и Србите. Што се тие криви што ние претпочетовме да сме орудие на Бугарите, наместо да сме орудие на Србите? - Бугарите отворија во Македонија трговски агентства! Но за чии интереси? Се разбира оти не за македонски, а за бугарските. Србите им ги предадоа своите интереси во Македонија на свои конзулства и генерални конзулства. Ако бугарските трговски агентства во Македонија се благодејание за нас, тогаш српските генерални конзулства сe уште поголемо. - Бугарите ни го поддржале востанието. И Србите го поддржуваа. Бугарите го поддржуваа повеќе, зашто нивните интереси тоа го бараа, а не за атерот наш. Србите го поддржуваа да не останат поназад од Бугарите; но да беа српските интереси така врзани со востанието, тогаш Србите стопати ќе и’ објавеа досега војна на Турција без да чекаат од некаде помош, без да гледаат дали ќе биде излезот за нив благопријатен или не. - Бугарите хранат обездомени Македонци, но истото го прават и Србите.

Тоа е сета арнотија што ја добивме од Бугарија. Сега да видиме со што плативме ние за таа арнотија, или колку нe чини таа?

Ако ги погледнеме настаните од последната руско-турска војна досега ќе видиме оти секоја арнотија од Бугарија за Македонците не е ништо, освен една компензација за глупостите што ги има направено Бугарија по нашето прашање. Македонското прашање во рацете на бугарските дипломати и народ е ред глупости направени само на македонска сметка и наречени меѓународни победи на бугарската самостојна политика. Тие глупости на бугарскиод народ63 се за нас Македонците како прародителски грев што ќе поминува од поколение на поколение.

Еве во што се состои тој прародителски грев:

Бугарите се ослободени од Русите. Во тоа време руското општество се занесувало со словенофилство. Тој занес им зеде околу 250.000 души војска и милијарди рубли. Но каков беше резултатот од таа војна? Русите и понапред војуваа со Турција и ги ослободија со своја крв скоро сите балкански државички. Но никогаш до тогаш Русите не се разочаруваа така како што се разочараа во времето на последната војна. Тоа дојде до таква степен што Русите сакаа да кладат крст на своето понатамошно занесување и ослободување на Словените на Балканскиот Полуостров. Последните сокови од занесот на Русите, и со тоа и надежите на Македонците на Русија, беа голтнати од Бугарија. Поведението на бугарскиот народ кон руската војска и на бугарската интелигенција кон руските власти и дипломати беше такво што Русите илјада пати се каеја за своето занесување со „братушките”. Тоа раскајување е влезено длабоко во душите на сите Руси, кои сега не сакаат ни да чујат за некакви „братушки”, а особено за Бугарите. Кој плаќа сега за поведението и грешките на Бугарите, ако не ние Македонците?

Занесувањата на Русија родија една Бугарија, но со нејзиното, родување Русија умре за нас. Сите надежи кај Македонците поминаа на недоносчето - Бугарија. Ние помисливме дека тоа недоносче штом ќе порасне, ќе окрепне и ќе ни подаде рака и ние со него да заживееме слободен живот. При имањето една слободна Бугарија ние мислевме зошто ни е Русија. Нашите надежи се поддржуваа од Бугарија и како да се зафатија да се реализираат. Бугарија, како покојниот српски крал Александар, 64 се објави самата за полнолетна и зафати самостоен ред глупости што се наречуваа од неа самостојна политика:

Ги разруши арните односи со Русија и го повика Стамболова65 тој да ја предаде Бугарија во рацете на Тројниот сојуз и Англија, и да ја направи нивно орудие против Русија. Таа нова ера во историјата на Бугарија, таа самостојна политика се започна од присоединувањетој на Бугарија со Источна Румелија и од нарушувањето на Берлинскиот договор од Бугарија врз којшто почиваше и правото на Македонците на автономија со христијанин генерал-губернатор. Нарушувањето на Берлинскиоч договор и стамболовскиот режим крстени „самостојна национална” политика на Бугарија, на тоа политичко, каприциозно, неполнолетно недоносче, е втор удар за политичката слобода на Македонците. Европа и Русија настојуваа да се изработи план за реформи во Македонија и во 1882 година тој план беше веќе готов и ќе се настојуваше да се воведе, кога „новиот политички фактор на Балканот” го кажува своето veto и наместо реформи - сака за Македонија бугарски владици. Бератите66 за владици се дадоа и ние заслепените Македонци и’ поверувавме на Бугарија оти таа со нејзината „самостојна” политика ништо друго не прави, туку одржува политички победи и нe облагодетелствува нас Македонците. - Арно ни ги замачкаа очите. - Но не поминаа ни 5-6 години кога се отрезнаа Бугарите од своето занесување во „самостојната” политика. Се убедија со напредувањето на српската пропаганда во Македонија оти тие не се единствениот фактор во македонското прашање, а оти има, освен нив, и други и оти успехот при конкуренцијата ќе биде таму каде што ќе биде поддршката на Русија. Бугарите пак станаа русофили, но тоа го направија не со чисто срце, а за да ја направат руската влада орудие на своите интереси во Македонија. При надворешното пријателство на Русија, тие не можеа да се примират со мислата зошто руските конзули во Македонија да ја подржуваат српската пропаганда таму. За таа причина некои од политичките партии ја клеветеа Русија како непријателка на Бугарија и на сe бугарско, најмногу за поддршката на српската пропаганда од страна на Русија. Бугарските политиканти не можеа да видат оти поведението на Русија е плод на нивните глупости што се викаат „самостојна” и „национална” политика. Кога таа „самостојна” и „национална” политика е орудие на непријателите на Русија, против интересите на последната на Балканскиот Полуостров, можат ли да бараат тие бугарски политиканти од руската влада да биде таа совршено безучесна во настаните на Балканскиот Полуостров кога тој Полуостров бил грижата на Русија цело столетие и повеќе? Таа треба да си ги зачува своите интереси таму, па и ако тоа зачувување не ќе биде по вкусот на „самостој-ната” и „национална” политика. Бугарите во својата надворешна политика станаа русофили и Русите ја изменија малку политиката спрема Бугарите. Но бугарското русофилство беше со сметка и не беше трајно, значи, и руската политика немаше да се измени конечно штом не се знаеше до колку е искрена и трајна бугарската надворешна политика. Бугарите беа незадоволни од руската политика во последно време, особено поради прашањето за ракополагањето на Фирмилијана66a а и за македонското востание. Тие велат: во тоа време кога министерството на Данев67 ја предаде надворешната политика на Бугарија, во рацете на Русија, последнава, наместо да ни помогне, направи да се ракоположи Фирмилијан во Скопје, и друго, не направи ништо за Македонија. Бугарија да беше водела „самостојна” и „национална” политика, таа не ќе го допуштеше првото и ќе го решеше македонското прашање со поголеми реформи.

Тие се расудувањата на Бугарите. Но ние, ако застанеме на самостојно македонско гледиште, ќе треба да го речеме следново: Бугарија со нејзиното русофилство не им направи никаква услуга ни на Русија ни на Македонија. Но од русофилството таа се восползува со заемот, направен при руско содејство, а друго и најглавно, не ги поарчи позајмените милиони за воени потреби и со тоа ги остави полни државните каси. Бугарија и да водеше „самостојна” и „национална” политика, т.е. да беше орудие на Тројниот сојуз против Русија, пак немаше да направи нешто, зашто сега ги нема тие натегнати односи помеѓу нив што беа при Стамболова. Сега членовите од Тројниот сојуз имаат одделни спогодби по меѓународните прашања, работат заедно по нив и ги парализираат сите каприци на малите држави, кои со тие каприци сакаат да ја изменат политичката рамнотежа во нивна полза. Сега нема место за стамболовска политика. Преродувањето на стамболовскиот режим во Бугарија сега не се оправдува со ништо и претставува еден нов обид на политичкото недоносче да покапризничи. Но од тие каприци не него, а нас Македонците ќе нe боли главата, како што и нe боли веќе. Но новите управници во Бугарија ни велат: тоа е Русија крива; Русија се плаши од една голема Бугарија и затоа: таа го кладе Фирмилијана, таа сега не сака да и’ даде на Македонија автономија, таа не нe остави нас да се подготвиме и да војуваме со Турција.

Другари! Таквите тврдења не се ништо друго, туку една лага, една клевета фрлена на ослободителката Русија од еден ослободен ропски народ што уште не е слободен од неговите ропски инстинкти со кои се ползува за да ја оправда својата глупава „самостојна” и „национална” политика. Тој народ, којшто е првата последната причина за сите наши несреќи, со своите глупави постапки нe наведе во една нерамна борба со Турците во најрешавачкиот момент нe остави на произвол на судбината. Тој го направи клањето во Македонија, како што го направија во Ерменија68 Англичаните, и со тоа го загуби своето влијание во Македонија. Но тоа влијание му е нужно, ете зошто, од една страна нe уверува оти до кога ја има слободна Бугарија македонското прашање не е закопано, 69 од друга страна, за да го оправда своето егоистичко поведение, сета вина за несреќите кај нас ја префрла на Русија.

Браќа! Зар не е апсурдно да се мисли оти Русија сe плашела од голема Бугарија и не го сакала нашето ослободување и оти поради тие причини не го сакала нашето ослободување и помагала да се ракоположи Фирмилијан?

Прво да видиме кој е крив за сегашното востание на кого паѓа најголемата одговорност за него?

Не еднаш Русија ни има речено оти таа не ќе пролее ни една капка крв и не ќе ни даде ни најмала материјална помош ако ние Македонците подигнеме востание. Русија по македонското прашање толку пати има објавено владини соопштенија, толку пати се правени претставки до бугарската и до турската влада по нашето прашање. Во сите нив направо ни се велеше: седете си мирно, оти ако направите брканица - не можам и не сакам да ви поможам. Со други зборови, таа си ги изми рацете за сите несреќи од едно востание во Македонија. Можеме ли ние по тоа да ја обвинуваме Русија во неискреност и поддупување? Зошто тогаш да и’ се лутиме на Русија?

Ако не се лажам, Комитетот и Организацијата очекуваа помош не од Русија, а од Бугарија, 70 зашто во Македонија, според разбирањата нивни и на Егзархијата бугарска, живеат Бугари. Руси таму нема. Значи, Бугарија требаше да им помогне или најкатегорички да рече: не чекајте од мене ништо. Но Бугарија не го направи ни едното ни другото: не го направи првото, зашто Бугарите се сметкаџии и се готови да си ја земат Македонија ако им ја подари некој, а инаку - ако сака нека биде запустена. Никој друг од балканските народи немаше така спокојно да гледа на запустувањето на еден крај, каде што има негови сонародници. Да беше иницијативата во востанието грчка или српска и да знаеја тие народи оти востанието ќе биде така силно, не гледајќи на никакви неблагопријатни прилики, ќе објавеа војна, па макар таа војна да се свршеше со полн пораз нивни. Но Бугарите не се од таа категорија: тие ќе објават војна само тогаш ако има некоја држава што да им ги обезбеди плодовите од војната. А бидејќи таквото обезбедување никојпат не е сигурно, без да се ангажира една од големите држави или неколку од нив со оружје в рака да го поткрепат тоа обезбедување, тогаш од Бугарија не можеше да се очекува замешување во македонските работи. Но ако беше така, тогаш Бугарите можеа да им кажат јасно на Македонците, да не се надеваат на нив и можеби не ќе се добиеја тие резултати. „Далекувидната” политика на кнезот и на неговите „самостојни” и „национални” помошници требаше да предвиди сe и да ги предупреди несреќите. Но тие тоа не го направија. Оставија да стане востанието, мислејќи дека ако не „самостојната” политика, тогаш крвта на Македонците ќе ја натера „великата ослободителка” да си ги остави своите работи и да дојде да војува за нас, за да ја повикаат после во Берлин и да ја загуби Манџурија и влијанието во Персија. Тоа беше престапничко поведение кон македонските работи и главен престапник во нив се јавува официјална Бугарија и бугарскиот народ, којшто не можеше да ја натера својата влада да се застапи за своите македонски клиенти. И за тоа престапно поведение се прави сега виновна Русија, и тоа официјална Русија што немала ништо заедничко со нејзиниот народ. Ослободените „братушки” сега не сакаат да си ги признаат своите грешки; ете зошто изјавуваат дека тие се сите русофили, и дека го милуваат рускиот народ, но не ја милуваат руската влада, која не ги изразувала народните чувства кон Македонците и негативно се однесувала кон секоја искажана од народот симпатија кон нив. За докажувањето на последново покажуваат „тајни” циркулари од владата да не се печатат веќе статии за македонските работи.

Кај нас во Македонија и во Бугарија на таква владина распоредба можат да и’ придадат неправилно значење, ете зошто ќе треба да се кажат овде неколку зборови и за неа. Најпрвин треба да се каже оти по македонското прашање нема никаква разлика помеѓу погледите на руското општество и народот, од една страна, и владата, од друга, а има само разлика во степенот на интересот за него: општеството и народот многу помалку се интересираат од владата што се гледа од помоштите за Македонците. Ако се споредат тие со помоштите за Бурите /Трансвалците/,71* тогаш ќе се добие голема разлика, зашто за борбата на Бурите се интересираа многу повеќе од нашата борба. А тој слаб интерес е резултат на разочарувањето на Русите од „братушките”. 72 3начи, и за тоа треба да им речеме на Бугарите: Сполај ви! Руската влада секогаш му дава полна слобода на рускиот печат да печати статии по сите прашања до тогаш до кога некое прашање се разгледува и не е примено никакво решение по него. Откако прашањето ќе биде исцрпено и по него е примено некакво решение, се испраќаат циркулари дека прашањето е исцрпено. Но тоа се прави не за да се лишат весниците од слободата да пишуваат, а затоа што на Балканскиот Полуостров им придаваат големо значење на сите статии што се однесуваат за балканските работи и мислат оти владата под влијание на печатот ќе ја измени својата политика. Владата просто сака да нe избави нас од празни надежи. 73

Ако е сето тоа така, тогаш со што може да се објасни политиката на Русија по прашањего за Фирмилијана? - ќе се запрашаат некои. - Јасно е оти таа е србофилска. - Да видиме дали е толку јасно.

Причините за ракополагањсто на Фирмилијана уште еднаш јасно ќе ни покажат каква несреќа за нас Македонците е носењето на името Бугарин. Од нив ќе се види оти политичкото недоносче - Бутарија не е во состојба да ги заштитува не само нашите, но и неговите интереси.

Бугарија нема дипломати, а уште помалку - во странство. И тие што се од последните, не се да го чуваат и да го подигаат значењето на Бугарија, а да го намалуваат и да го исмејуваат, и себеси и својата држава. За потврдување на тоа доста е да се потсетиме на тројцата: господата Бешков, 74 секретар и gerant на Трговското агентство во Битола, Цоков, 75 дипломатски агент во Лондон, и Станчев, 76 таков во Петроград.

За г. Бешков попрашајте кого сакате во Битола, било тоа од персоналот на тамошните консулства, било од бугарските учители, било од влашките, било од граѓаните или најпосле од Циганчињата со кои има разговарано г. Бешков, постојано одејќи по градот без работа, и сите ќе ви кажат кој е г. Бешков. Затоа Србите имаат во Битола прекрасен претставник што се ползува со полно уважение кај конзулите. Тоа е г. Ристиќ. 77

Сета своја дипломатија си ја искажа г. Цоков во разговорот негов со кореспондентот на Ројтер.

Но најинтересен е г. Станчев, едно, како приватно лице, друго, како дипломат и, трето, како дипломат на најважното за Бугарија од сите дипломатски места. Првото нешто што бие в очи тоа е што г. Станчев си останува на истото место во сето време откако знам за него /има околу 9 години/. Тој факт на вид е многу утешен, зашто тој како да покажува постојанство во политиката на Бугарија. Српските посланици вистина седат во Петроград по неколку години со ред, но по 4-5 години се менуваат. Но тој утешен факт е утешен само на вид. Уште во првата година на моето студентство мене ме запрашаа: каков е човек е г. Станчев? Јас за него не знаев ништо, затоа реков оти малку го познавам. Тогаш ми дадоа една германска книга со наслов Die Wahrheit uber Bulgarien. Јас замолив да ми ја дадат да ја прочитам дома. Ми ја дадоа и така јас се запознав првпат со г. Станчев и со бугарските работи, особено со положбата и авторитетот на бугарскиот претставник во Петроград. После јас чув уште некои слухови за г. Станчеви од нивниот живот во Петроград, слични на пасажите за нив во споменатата книга. Од разговор со журналисти јас чув оти г. Станчев правел обид да повлијае на нив, но неуспешно. Воопшто, сите тие со кои имав случај да се видам или да зборувам г. Станчев или не го знаеја или лошо се одзиваа за него. Но во последната година г. Станчев, кажуваат, се спуштил толку долу, така ниско го спуштил бугарскиот престиж во Пегроград како што не ќе можеше да направи и најголемиот непријател на бугарските интереси.

А знаат ли Бугарите оти во тоа време кога тие го имаат во Петроград еден Станчев, Србите го имаат таму еден Пашиќ, 78 или еден Груиќ79 или еден Новаковиќ? 80 Овие дипломати последователно се или во Петроград или во Стамбул; и на едното и на другото место тие остануваат по неколку години со ред. Во Петроград тие имаат широки познанства и се ползуваат со многу арен дочек од горните слоеви на руското општество и имаат големо влијание на него. Тие се знаат со дипломати, професори, редактори и издатели на весници. Тие зборуваат убедливо и со длабоко знаење на работите. Додадете кон тоа дека српската надворешна политика е установена, како и тоа дека имаат тие и цел ред други, освен споменатите дипломати, и ќе разберете зошто ракополагањето на Фирмилијана е победа на српската дипломатија и пораз на бугарската; победа добиена со свои, т.е. српски сили, а не нешто наврзано од Русите; поразот пак на Бугарите е резултат на немањето бугарски дипломати што да ги разбираат бугарските интереси и да ги заштитуваат со авторитет и знаење.

Ама г. Зиновјев81 им помагал и им сочувствувал на Србите. Тоа може да биде вистина, но тој го прави тоа не зашто ги мрази Бугарите, а зашто српските посланици во Стамбул се логични, ги знаат арно нивните интереси и можат да ги заштитуваат. Исто така, можеби руските конзули ги заштитуваат српските интереси во Македонија, не за атер, ами едно, зашто и Србите како и Бугарите се Словени, а друго, зашто Србите поарно ги имаат разбрано и знаат да ги бранат нивните интереси.

Значи, бугарската надворешна политика не издржува никаква критика. Таа е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. Арнотија ли е материјалната помош од Бугарија за воставањето, кога таа поддршка само нe натера да си ги расфрлиме народните сили, со кои ние бевме силни, а сега сме ништо? Арнотија ли е ранењето на избеганите во Бугарија Македонци, кога Бугарија е првата и последлата причина да им се разорат куќите? Арнотија ли е тоа што прима таа на своја служба Македонци, кога последниве со службата, или заради неа, ја заборавуваат својата татковина и нејзините интереси ги жртвуваат на бугарските? Зар не се Македонците што се на служба или кандидати за служба тие што го изопачуваа меѓу населението во Македонија значењето на руските владини постапки и ги толкуваат пред него стамболовски и го тискаа да востане, против советите на Русија за благоразумност? Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто час поскоро треба да си ги одделиме нашите интереси од бугарските. Тоа го бара од нас благоразумноста.

Од сето горе речено се гледа оти бугарските арнотии за нас Македонците ни најмалку не се разликуваат од српските, но затоа пак нe чинат стопати повеќе:

1/ за бугарското име што ни го подари Егзархијата82 ние ги зедовме на себе сите добрини што се врзани со него и со кои се украси тоа име во најновата историја на Балканскиот Полуостров.

2/ за бугарските училишта и бугарското „покровителство” н.а нашите интереси ние немаме никакво сочувство од страна на Русите, не затоа што тие ги мразат Бугарите, а по тие причини што тие толку многу направиле за Бугарите, колку за никој од словенските и православни народи: излегува оти тие и за нас Македонците направиле многу и немало зошто уште нешто да очекуваме од нив. Руското покровителство станува ненужно кога ние си имаме „самостојно” и „национално“ бугарско покровителство.

3/ За бугарските владици што ни ги подари Стамболов ние плативме со немањето на автономни права, предвидени со Берлинскиот трактат. 83 Таа арнотија добива уште поголемо значење со тоа што таа беше причината да се образуваат комитети, организации, чети, востанија, да има убиства, грабежи, колења и др. и во сето тоа Бугарија ни помогна и со пари и со трпење на комитетите на своја земја.

4/ верата во бугарското чувство кон нас си ја плативме со воставањето, од кое Бугарија вистина не нe задржа и не ни помогна, но... го испрати Начевича84 да преговара... Исто така Бугарија со својата искусна дипломатија нe поддржа...!

5/ за хранењето на избеганите Македонци во Бугарија и како најголема награда за името Бугарин што го насадија кај нас, ни покажаа барем да знаеме кој е причината за сите наши несреќи, а тоа била... Русија. И така, значи, Бугарија ни ги направи досега веќе сите арнотии, остануваше само и кај нас да развие класа „самостојни националисти” што ќе разберат најпосле каде е коренот на секое зло во нашето национално развивање, т.е. Бугарија реши и кај нас да насее русофобство, та и ние да ја изгубиме секоја вера во православна Русија. Мисијата на Бугарија е прекрасна, само, за жал, ние тука во Пегроград сме далеку од Бугарија, 85 та русофобското семе не може да ни западне длабоко во душата и да даде арни плодови.

Од сите преброени факти се гледа големата штета за нас Македонците од тоа што ние, или барем мнозина од нас, ги изедначуваме досега нашите интереси со општобугарските. Ние се викавме Бугари. Со тоа, од една страна, сакавме тоа име да ни послужи како центар околу кој ќе можеме сите да се згрупираме, без да бараме за таа цел некој друг, а можеби и сосем нов, од друга страна, ние мислевме оти вистина во соединувањето со Бугарите е нашата сила.

И вистина, од нашето викање дека сме Бугари ние имавме право да очекуваме за нас добрини, а не зла: ние можевме да очекуваме од Бугарите поддржување на сите наши духовни нужди. Бугарија е слободна држава. Таа располага со пари, просвета, државни мажи и дипломати. Таа треба да ги сознае нејзините и нашите национални интереси и моќно да ги брани. Но видовме дека сме горко излагани во нашите надежи и дека наместо арнотии ние видовме само лошотии.

Тие лошотии ги надминуваат сите очекувања. Се поставува прашањето: кој е во сето тоа крив? - На тоа прашање јас не можам да одговорам. Не е моја работа да барам дали некој зол демон на Бугарија ни ги има направено сите лошотии бугарски нам на Македонците. За мене е јасно само тоа дека голем дел од сите наши несреќи се должат на бугарскиот народ. Не е кнезот крив за тоа, да речеме, што немаат Бугарите арни дипломати. Ако, на пр., г. Станчев е претставник на кнезот, а не на Бугарија, тогаш не се такви Цоков, Бешков и др. Не е извинение за бугарскиот народ и тоа што недостојните дипломати и’ припаѓаат на оваа или на онаа партија и кнезот се ползува со повикувањето на власт, по лични наоѓања, ту една ту друга партија. Главната несреќа за Бугарија и за нејзините интереси е не во тоа што има многу партии и не сите ги знаеле арно народните интереси, ами во тоа што Бугарите малку се проникнати со народните интереси, особено со надворешните. Кај Бугарите нема национални идеали што да бидат општо достојание и светиња за сите Бугари. Тие идеали се изработуваат од историјата на народот, но се изработуваат во еден долг историски период. Долго време членовите од еден народ треба да се занесуваат од едни исти народни идеали, општи и свети за сите членови на народот. Тие идеали треба да бидат изработени од највидните претставници на народот и усвоени од сите негови членови. Идеалите народни требаше да бидат една програма, кон реализирањето на која ќе требаше да бидат насочени сите сили на народот. Народните идеали не може да бидат реализирани сите одеднаш, но нивното реализирање од треба да биде само резултат на општата и самопрегорна народна работа. Тешкотиите за достигањето на народните идеали служат само како школа во која се закрепнува народиот дух и се готви за уште поголема борба. Во замена за тоа, ако еден народ добие политичка слобода или се исполни нешто друго важно за народниот живот, без негово или со мало негово содејство, тогаш кога кај него нема уште изработени народни идеали или ако се изработени не се усвоени од сите членови на народот, тогаш, во таков случај, народот не ги цени народните идеали и, како човек без определена цел и програма за работење, се фрла ту на една ту на друга страна, правејќи го тоа не затоа што е убеден оти така треба да биде, ами затоа што гледа дека има околу него луѓе што постапуваат така или инаку.

Што гледаме ние во најновата бугарска историја? Бугарија добива политичка слобода, најважното нешто во народниот живот, уште тогаш кога кај нив немаше народни идеали, кога и самите не знаеја што сакаат. Слободата ја добија Бугарите со најмали жртви и усилби; неа им ја подарија Русите. Ослободувањето направи една голема пропаст помеѓу поранешната бугарска историја и живот, и новата. Во првата Бугарите видоа само еден мрак, затоа тие се одвраќаа од неа. И така Бугарите во новиот слободен живот се јавија како народ без традиции, народни идеали, свест за народните и државните интереси и историско наследство. Значи, Бугарија се јави како држава во вид на историско недоносче. Со усилбите на Русија тоа недоносче закрепна малку, но при првото осеќавање на своите сили најавува претензии за самостојна политика - извор на несреќи за Македонците.

Но не само во таа самостојна политика се заклучуваат нашите несреќи, а следствено и причината за одделувањето на нашите интереси од бугарските, па и причината за одделувањето на Македонците овде во македонско друштво.

Тоа одделување си има и други причини, а имено-употребувањето на нашите умствени сили за изучувањето на себеси, како членови на една татковина и еден народ. За да се достигне таа цел требало да се состави одделно друштво од лица за кои изучувањето на Македонија во етнографски, географски и историски однос има првостепено значење; а такви лица сме ние Македонците.

За да се достигне таа цел ние треба да се одделиме од другите балкански народи и самостојно и критички да погледнеме на самите себе и на нашите интереси, како и на балканските народи и нивните интереси. Постапувајќи така ние ќе се ослободиме од грешките што ги прават другите балкански народи.

За да биде појасна ползата од таквото одделување наше од другите народи доста е еден критички поглед врз работењето на тукашниве студентски друштва: бугарското и српското.

Бугарските студенти имаат големи претензии да се претставници на најновите течења на човечката мисла. За нив нема никакво значење национализмот што се смета за нешто што си го има одживеано својот век. Тие се интернационалисти. Тие се најнапред луѓе, па после, ако им остане за тоа време, се Бугари. 86 За нив човештвото има поголемо значење од Бугарија и затоа повеќе ги интересираат нив Швајцарија, Соединетите Американски Држави и нивната историја, отколку Бугарија со нејзините национални интереси. Бугарската младеж овде ги употребува сите свои сили и средства да се покаже напредничава, т.е. социјалистичка: долги и бесмислени говори, долги коси и убаво исчешлана брада, црвена или сина руска кошула и др. Со национални прашанња не се занимаваат и со голема досада слушаат реферати на тема по етнографијата, па и по каква и да е друга наука, освен политичката економија. Но затоа секој смета за свој долг да критикува сe што ќе му допадне. Со научни прашања не сакаат да се занимаваат, но затоа се убави организатори: можат да организираат лотарии, да пропагандираат некоја работа, да организираат некоја вечеринка со добротворна цел, без да му гледаат многу многу оти со неа ќе се оскандалат и себеси и идното поколение од бугарски студенти во Петроград. 87 Воопшто, тие се готови да се занимаваат со работи што бараат малку труд, но даваат голема популарност и самоувереност. Македонија ја признаваат за бугарска во етнографски однос, но мислат дека е излишно да си ги трошат силите за да научат нешто за таа земја, затоа ништо не знаат за неа ни од историјата ни од географијата и етнографијата нејзина, освен дека има таму чети и востание, на коешто треба да му се помогне само со лотарии и не со самите себе. 88 Тоа платонско и само платонско и евтино сочувство кон Македонците, тоа неразбирање на национаните интереси, тоа отсуство на национални идеали и таа жед за популарност со приврзаност кон социјализмот е одраз на духовната состојба на бугарскиог народ и неговото општество. Оттука многу јасно се гледа колку Бугарите не се во состојба да ги бранат не само нашите, но и сопствените интереси.

Српските студенти прават сосема друг и спротивен впечаток. Србите не се интернационалисти, а сите буквално, без разлика дали е некој од Србија, Босна, Херцеговина или Црна Гора, сите се националисти. Тие знаат дека тие се првин Срби, а после луѓе. Секој знае и се интересира за српството разместено во разни земји. Тие ја знаат нивната историја и историјата на соседните народи и земји. Тие се интересираат сите главно за културно-историските науки и ги изучуваат. Ги изучуваат како средство за достигнување српски национални цели. Со цел да ги заштитат српските интереси пред Русите, тие преведуваат или составуваат на руски книги со историска содржина. Таков утилитарен, тенденциозен и шпекулативен однос кон науката не е за одобрување и е причина и резултат на национален шовинизам, но последниов е резултат на тие историски прилики во кои попадна српството, особено по Берлинскиот договор. Србите можеме да ги обвинуваме за шовинизам; но тие не се поголеми шовинисти од Бугарите. Србите се националисти со арно сознаени народни идеали и интереси, кои што со труд, наука, перо и дипломатија сите како еден човек одат по еден општ за сите пат и затоа постигнуваат победи над Бугарите на секој чекор. Србите се шовинисти; тие се очаени во борбата со своите непријатели за заштита на нивните национални интереси. Но ако го споредиме српскиот шовинизам со бугарскиот национален индиферентизам и ги разгледаме од македонско, па и од општочовечко гледиште, тогаш ќе треба да признаеме дека српскиот шовинизам, како резултат на основно изучените народни интереси, стои многу повисоко, и многу погоре од бугарскиот национален индиферентизам, којшто е резултат на отстуство на секакво разбирање на бугарските државни интереси. Во тоа време, кога Србите од кралот и министрите до последниот српски амал се националисти и наоѓаат за нужно сите да се сплотат во едно за да ги достигнат со општи сили народните идеали, Бугарите се цепат на социјалисти и секакви други - исти, кои најмалку сакаат да ја оправдаат пословицата дека соединувањето ја прави силата. - Туку сето тоа е резултат на политичката зрелост на народот: Србите во текот на цел век ги изработуваат националните идеали и ги изучуваат националните интереси, а пак Бугарите го прават тоа сама во 1/4 век.

Како и да е, но одделувањето наше од Бугарите ќе ни даде можност критички да се однесуваме кон бугарските работи, а не слепо да ги копираме и да насадуваме во Македонија, наместо национализам, социјализам, како што го правела тоа Внатрешната македонска револуционерна организација. 89 Значи, одделувањето на нашите интереси од бугарските, покрај другото, ќе нe избави од положбата како мајмуни да ги копираме бугарските непромислени постапки и на вера да ги примаме бугарските уверувања дека Бугарија е нашата арнотворка, а Русија нашиот најголем непријател; тоа ќе развие во нас критички однос кон нашите и кон туѓите постапки.

А од тоа одвај ли може да има поголемо оправдание за постоењето и програмата на нашето друштво. Ако е така, тогаш не ни останува ништо друго, освен да му се помолиме на Господа да ги умножи македонските друштва, слични на Петроградското - „Св. Климент” насекаде каде што живеат Македонци.

*. Прочитано на II седница на петроградского Македонско научно-лигературно другарство „Св.Климент” на 28 септ. 1903 г.

57. Се однесува за МНЛД во С.-Петербург (пред коешто е и читан овој реферат), официјално образувано на 28.10 1902 год. и чиј прв потписник е токму К.П.Мисирков.

58. Се однесува за членовите на ТМОК во С.-Петербург, на чело со Христо Шалдев, кои, по интригите на последниов, добија дури и директивна поддршка дури и од ЦК на ТМОРО (на чело со Бугаринот Ив. Гарванов). Значајно е, меѓутоа, што не само што не биле сите лидери на Организацијата против дејноста на МНЛД, па значи и против Мисирков, туку некои од нив имале дури и идентични или еднакви гледишта за основните прашања за македонското ослободување. Така, на пр., во едно писмо од бугарскиот „трговски агент” од Солун А.Шопов од 26.10.1903 год. до бугарскиот министер-претседател Р.Петров меѓу другото се вели: „Некои кругови на овдешнава Внатрешна организацнја сe почесто и посериозно зборуваат дека некои од началниците на таа организација влегувале во спогодба со српската влада или со некои кругови во Белград за заедничко дејствување во Македонија, но со јасни разграничувања на интересните сфери. Овие луѓе не се помалку опасни за Бугарија од мисирковштината. Тие се разликуваат меѓу себе само по начинот кој да ја постигнат истоветната цел. Едните се за вооружено ослободување на Македонија и изгонување на пропагандите, а другите за мирно разрешување на македонското прашање преку преговори со Турција и со големите сили”. Слични тврдења соопштува и Е.Спространов во своите писма до бугарскиот министер-претседател Р.Петров од 13 и 24.11.1903 год., а тоа го лотврдува и Ј.Ангелрв во своите спомени во „Македонско знаме” (9.9.1946, 2).

59. Овде Мисирков веројатно го има предвид пишувањето на Д.Вергун во неговото списание „Славјански вјак” [II, 62, Виена, 15 (28). II 1903.432], кој во веста за основањето на МНЛД, откако овој акт го поврзува директно со Македонскиот клуб во Белград и неговиот орган „Балкански гласник” (1902), заклучува: „Програмата на овие поборници за етнографска, а не географска Македонија, страда само од тоа што се јавува со огромно задоцнување од најмалку 30 години”.

60. Претскажувањата на Мисирков се исполнија - ако се има предвид СР Македонија, но тоа ќе постои како прашање сe додека постои поделеноста на единствената земја и единствениот народ.

61. Авторот има предвид една јасна и достатно разработена национална програма на македонското движење во минатото, зашто тој самиот на друго место наведува некои многу важни пројави на македонската национална мисла кај претходниците. Него особено го револтира што таква потребна програма не успеа да прокламира ни една толку силна и така широко поставена револуционерна организација во Македонија, како што беше ТМОРО, туку најважните прашања си дозволи да ги остави да се решаваат „подоцна”.

62. Мисирков ја има предвид Руско-турската војна од 1877-1878 резултатите од Берлинскиот логовор од 1878 год.

63. Како и на други места во книгата, Мисирков и овде му ги припишува на бугарскиот народ „глупостите“ што всушност ги правеле неговите претставници од разни партии и влади, на чело со кнезот. Таков однос авторот има и спрема српскиот народ. Овие пропусти на младиов славист главно не ги среќаваме во подоцнежните негови пишувања, ако се исклучат некои од неговите последни статии (1923-1925).

64. Александар Обреновиќ (1876-1903), кој на 13-годишна врозраст го прими кралството во Србија, а на 17 години изврши државен удар и воведе автократски режим што доведе до акцијата на офицерите-завереници на 28/29.5.1903 год., кога тој и неговата омразена жена Драга Машин беа убиени и исфрлени низ прозорецот.

65. Стефан Стамболов (1854-1895) е виден бугарски револуционер, политичар и државник, кој во 1880 год. стана народен пратеник и потпретседател на Народното собрание, а во 1884 и негов претседател. Стамболов е активен учесник во присоединувањето на Источна Румелија (против волјата на Русија), успешно ја заврши и Српско-бугарската војна (1885), но за нас е важно дека беше и еден од главните идеолози и организатори на комитетите „Единство” што суштествено придонесоа за разгромувањето на Кресненското македонско востание. Тој го помогна и доаѓањето на германскиот принц Фердинанд I Сакс-Кобург-Готски (1861-1948) за бугарски кнез (1887), а самиот стана министер-претседател со изразито прозападна и антируска ориентација. Уште од времето на Кресненското востание, во кое имаше раководна улога, Стамболов води немилостива борба против секоја манифестација на македонската национална свест и успеа привремено да ги неутрализира и движењето на Т.Гологанов, и Младата македонска книжовна дружина и др. македонски друштва и комитети, па така дојде и до книшката на Вардарски (П.Попарсов) „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници” (1894) што всушност ја претставуваше првата програма на тогаш основаната ТМОРО.

66. Берат - писмо (повелба) од турскиот султан за поставување (во овој случај) владика.

66a.66а Назначувањето на Фирмилијана (умрел во 1903 год.) за митрополит во Скопје беше всушност првата позначајна победа на српската пропаганда во Македонија, извојувана не без поддршката на руската дипломатија.

67. Д-р Стојан Данев (1858-1949) е истакнат бугарски државник и универзитетски професор, русофил, кој во периодот од 21.12.1901 до 5.5.1903 год. (како и подоцна) беше министер-претседател на Бугарија.

68. Во 1894 год. во Цариград беше извршено масовно клање на Ерменците што предизвика бурна реакција во Европа, а исто така тоа беше искористено во Бугарија за организирање митинзи за Македонија што беа вешто експлоатирани од бугарската влада, по кои дојде и образувањето на Врховниот македонски комитет и неговото „востание” (1895)

69. Овој став и на некои Македонци остро беше критикуван од Мисирков и во новите околности по Првата светска војна (в. „20 јули” 1.1 Софија, 14.4.1924. 1 и 1, 5 11.5.1924, 3).

70. Така, на пр., во писмото од Главниот штаб на Востанието од 9.9.1903 год. до бугарската влада настојчиво се бара „најефикасна помош со војна”, како „патриотско замешување”.

71. Бурите се некогашни холандиски доселеници во Јужна Африка, кои по незадоволствата од англиската управа во 1831-1835 год. се преселуваат во Трансвал и Оранж и образуваат свои републики. Во 1898-1902 год. се води долготрајна „Бурска војна” помеѓу Бурите и Англичаните во Јужна Африка, бидејќи последниве сакале да си ги прошират владенијата заради експлоатација на трансвалските златни рудници. Откако биле заземени градовите, Бурите ја продолжиле борбата со партизанско војување. Дури на 1.7.1902 год. Англија ги присилила Бурите да потпишат мир и како автономни републики да влезат во Британската Империја. Денеска околу 60% од европското населенне на Јужноафриканската Републнка се Бури што постепено се слеваат со Англичаните во една нација.

72. Во октомври-ноември 1902 год., како претседател на ТМОК и како член-основач на МНЛД во С.-Пегербург, К.П.Мисирков имаше повеќе средби и разговори со најистакнатите словенофили во руската престолнина и притоа од прва рака ги дознае нивните ставови и спрема руската балканска политика. Токму за тие „разочарани” и „неразочарани” словенофили Мисирков тогаш и писмено ги извести ВМОК во Софија и ЦК на ТМОРО во Солун.

73. Очевидно од политички опортунитет, авторот премногу инсистира на „правичноста” на руската балканска политика, сметајќи секако дека со тоа ќе се придонесе за прифаќање на програмата на МНЛД и од официјалниот С.-Петербург при подготоаката на спроведувањето на реформите.

74. Д-р Б.М.Бешков - секретар и потоа (од јуни 1903 год.) управник на Бугарското трговско агентство по Битола до Востанието, кога е заменет од др Д.Кожухаров.

75. Д.Цоков - бугарски дипломатски агент во Лондон.

76. Д.Станчев - бугарски днлломатски гиенг во С –Петерсбург.

77. Мих.Г.Ристиќ - тогаш српски генерален конзул во Битола.

78. Познатлот српски политичар и државник и долгогодишен министер-претседател Никола Пашиќ (1845-1926) беше дипломатски претставник на Србија во Русија во 1893-1894 год.

79. Генералот Сава Груиќ (1840-1913) е познат српски политичар и државник, воен министер и претседател на владата, кој наизменично беше и дипломатски претставник на Србија во С.-Петербург, Цариград и Софија.

80. Стојан Новаковиќ (1842-1915) е еден од најистакнатите српски научници и виден политичар и државник, универзитетски професор и академик, министер на правдата и за внатрешни работи и претседател на српската влада, но повремено и дипломатски претставник на Србија во Цариград (1886-1891 и 1897), во Париз (1899-1902) и во С.-Петербург (1902-1905). Новаковиќ се трудеше да биде близок и до македонските национални дејци за да може да ги искористи за целите на српската политика и пропаганда, па се среќаваше и со Мисирков.

81. И.А. Зановјев, поранешен директор на Азијатскиот департамент на Руското министерство за надворешни работи, тогаш дипломатскм претставник на Русија во Цариград.

82. И самиот Мисирков на други места зборува дека бугарското име во Македонија не е резултат на дејноста на Бугарската егзархија, туку реликт од средновековјето, но овде тој секако го има предвид воведувањето на ова име и преку турската администрација. Бидејки во Турција не се признаваа нации, туку вери, а овие беа олицетворени во признатите автокефални цркви, основањето на Бугарската егзархија го наложи и административното воведување на бугарското име за сите поданици на султанот што се приклучија кон таа единствена словенска православна црква во границите на Турската Империја.

83. И Мисирков и Чуповски многу инсистираат на ова прашање. Но тоа сe уште не е достатно разработено од нашата наука. Врз основа на чл.23 од Берлинскиот договор, во 1880 год. Високата порта подготвила еден „органски устав” за самоуправувањето на Македонија што бил прегледан и одобрен од една меѓународна комисија составена од претставници на потписничките на Берлинскиот догвор, којашто заседавала во Цариград. Тогаш беше изработен всушност таканаречениот „Закон за европските вилаети”, кој, меѓутоа, беше одбиен од султанот, па тоа одбивање после беше прифатено и од самите големи држави.

84. Долека сe уште чадеа илинденските пожари, бугарската влада навистина побрза да го испрати конзерватвниот политичар и државник, туркофил и русофоб Григор Начович (1845-1920) во Цариград за да се погаѓа со Турција за правата на „Бугарите” во Македонија, а не да им дозволи на Македонците самите да се појават како фактор на преговарачката маса за сопствените интереси.

85. Рефератот е читан само пред Македонците-членови на МНЛД во С. – Петерсбург.

86. Оние карактеристики кои Мисирков ќе ги повтори и кон крајот на својот живот бездруго се однесуваат на бугарските студенти во Русија, кон кои беа приклучени и некои Македонци коишто навистина беа во поголемиот број опфатени од социјалистичките идеи и, според тогашните сфаќања, се однесуваа прилично нихилистички кон националното прашање воопшто. За Мисирков, којшто ги имаше предвид конкретните услови во својата татковина и можеше да го согледа развитокот на својот народ во блиска перспектива, таквиот став беше наполно неприфатлив и историски анахрон, особено кога и лично добро ги познаваше националистичките методи и средства во воспитувањето и во српските, и во грчките и во бугарските училишта.

87. Ова се однесува не само за студентите Бугари што членуваа во Бугарското стулентско друштво во С.-Петербург, туку исто така и за оние членови на ТМОК, чиј претседател беше и самиот Мисирков, кои, членувајќи и во тоа бугарско друштво, организираа разни вечеринки, лотарии и сл. „за добротворни цели”. Се добива дури впечаток дека овде Мисирков непосредно конверзира со студентот Македонец и член и претседател на ТМОК во С.-Пегербург и еден од членовите-основачи на МНЛД. Хр. Шалдев, кој заради бугарската стипендија се откажа од ова членство и стана верен агент на бугарскиот егзарх, а истовремено упорно и смислено го клеветеше Мисиркова, дури и пред ЦК на ТМОРО во Солун - поради неговиот критички однос спрема изведбата на тие акции. Така, во едно писмо од Иван Сапунаров (од Костурско, бивш студент во С.-Потрбуршката духовна академија, еден од основачите на ТМОК и негов прв претседател, потоа учител во Солун и член на ЦК на ТМОРО, задолжен да кореспондира со кружоците во Русија) од Солун од 15.12.1902 год.. одговарајќи му на претселателот на ТМОК Христо Шалдев, меѓу другото пишува: „Мисирков помина овде. Зборувавме со него на долго и на широко. За вашата лотарија тој рече лека сте сакале да скриете некои предмети од полните билети. Со тоа можете да се бламирате па ве советуваме да не го правите тоа за да не го бламирате и делото.“

88. И овде Мисирков тргнува од најконкретните примери што ги знаеле и сите негови слушачи на предавањево пред МНЛД: Ниеден Бугарин од Бугарското студентско друштво не замина да зема учество во Илинденското востание, туку само некои членови на ТМОК – Македонци, па дури и Руси, некои од кои и загинаа во Македонија.

89. На Мисирков секако му правело впечаток тоа што ТМОРО во своите основни акти имаше една „интернационалистичка” платформа, а во своите практични настапи им даваше повод на некои набљудувачи на движењето да ја сметаат како експонент на бугарските цели во Македонија, бидејќи го опфаќаше претежно егзархиското население, ги толерираше егзархиските цркви и училишта, а им се спротиставуваше на другите. И овде, кога зборува за социјализмот, тој ги има предвид пак само своите петербуршки колеги социјалисти што беа најблизу до руските социјалисти, кои пак, навистина, можеби поради позицијата на руската нација во руската држава, пројавуваа полн индиферентизам спрема националното прашање. Таков став имаа и германските и австриските социјалисти во тоа време - главно поради истите причини. Но за К.П. Мисирков во македонските услови таквиот став беше еднаков на пораз. Затоа и не сме склони да гледаме овде некаква фронтална критика на социјалистичкото учење воопшто, туку на конкретните постапки на неговите поддржници – бугарските студенти во С. Петербург.

Содржина

Предговор

Што направивме и што треба да правиме во иднина?

Има ли потреба за македонски национални научно-литературни друштва?

Националниот сепаратизам: земјиштето на кое се има развиено и ќе се развива за напред

Составувала ли, составува ли и може ли Македонија да составува од себе одделна етнографска, и политичка единица?

Неколку зборови за македонскиот литературен јазик

 

Крсте Мисирков >> За Македонските Работи >>Има ли потреба